| четврток, 6 декември 2018 |

Во МАНУ отворен конгресот на кинотеките и филмските архиви од целиот свет

Во присуство на Ерик Ле Роа, претседател на Меѓународната асоцијација на кинотеки и филмски архиви, Мими Ѓоргоска-Илиевска, директор на Кинотеката на Македонија, директори и претставници на кинотеките и филмските архиви од целиот свет, денеска во Македонската академија на науките и уметностите беше отворен 70 Конгрес на кинотеките и филмските архиви од цел свет.

Изразувајќи задоволство што оваа година, нашата држава, Република Македонија, е домаќин на 70-от, јубилеен конгрес на Meѓународната асоцијација на кинотеките и филмските архиви од целиот свет, Елизабета Канческа-Милевска се обрати на присутните. -За нас е голема чест да бидеме организатори на овој настан со исклучително значење и во оваа смисла, уште на почетокот, би сакала да ги поздравам сите делегати и претставници на кинотеките и филмските архиви кои несомнено, со своето присуство на овој Конгрес, даваат голем придонес во градењето на заедничката политика за ефикасна заштита и презентација на аудиовизуелното наследство, кое е наше заедничко богатство. Овој конгрес ги демонстрира нашите заложби за интегриран приод кон зачувувањето на аудиовизуелното наследство и е можност сите заеднички да изнајдеме нови решенија и нови механизми за сочувување на колективната културна меморија на човештвото, рече Канческа-Милевска.

manu1

Аудиовизуелното наследство е впечатливо сведоштво за историјата и културата на сите цивилизации, тоа е основен елемент на нашиот идентитет. Токму затоа, наследството, неговата заштита и презентација се наш врвен, државен приоритет. Дозволете ми со вас да споделам дека Владата на Република Македонија и Министерството за култура во изминатиот период реализираа бројни инвестиции со кои се унапредија состојбите во македонската кинематографија. Беа реализирани големи вложувања во филмската дејност во Република Македонија кои резултираа со значајни филмски остварувања, со многу копродукции, претставувања на меѓународните фестивали и релевантни признанија и награди.

017 fiaf 5 maj 2014

-Министерството за култура на Република Македонија донесе посебен закон за заштита на аудиовизуелните добра, изработен според европските стандарди, а значително ги подобривме и условите за чување на националната продукција. Со поддршка на Владата на Република Македонија, Кинотеката на Македонија се здоби со најсовремени депоа за чување на нашиот богат фонд на аудиовизуелни добра, а започнавме и со реализацијата на една од најголемите инвестиции во областа на аудиовизуелната дејност кај нас, а тоа е проектот за обнова и ревитализација на споменикот на културата, Хавзи-пашините конаци, кој покрај музејската вредност ќе има и намена за заштита, чување и презентација на целокупното македонско филмско културно наследство.Реализиравме и други бројни проекти преку кои се потрудивме соодветно да сочувавме вредни примероци од нашата богата кинематографска дејност, вредни артефакти кои се сведоштво за историјата и културата на нашата држава за идните генерации. Кинотеката на Македонија досега изврши дигитализација и дигитална реставрација на голем број од материјалите што ги поседува. Дигитализацијата ја препознавме како значаен елемент во изградбата и развојот на информатичкото општество и општеството на знаење, сегмент кој преставува значаен фактор во остварувањето на културната политика и на културниот развој на земјата. Затоа, со голема сериозност Кинотеката на Македонија му се посвети на овој процес и досега е извршена дигитална реставрација на целокупното филмско творештво на првите сниматели на Балканот, браќата Манаки, како и творештвото на реномирани автори, режисери кои ја афирмираат нашата држава ширум светот, како што се Милчо Манчевски, Столе Попов и Љубиша Георгиевски, истанка Канческа-Милевска.

012 fiaf 5 maj 2014

Кинотеката на Македонија е единствената институција во Република Македонија одговорна за прибирање, чување, заштита, истражување и презентирање на аудиовизуелното наследство која денеска располага со фонд од над 15.000 копии на филмови од домашна и странска продукција, многуброен материјал, фотографии, плакати, пишувани документи, книги и списанија за историјата и теоријата на филмот, како и значајна колекција на стари кинематографски апарати. Оваа институција бележи навистина извонредни резултати во својата работа, кои се потврдија и со укажаната доверба, да бидеме домаќини на 70-конгрес на ФИАФ.

-Верувам дека 70-тиот јубилеен конгрес на ФИАФ ќе биде извонредна можност нашите гости, 200-те делегати од 80 кинотеки и филмски архиви од целиот свет да ги презентираат своите визии за унапредување на заштитата на аудиовизуелното наследство, да се лоцираат можностите за развој на стандардите на теориското, но и на практичното ниво во работата на филмските архиви. Ваквите собири несомнено ги поттикнуваат и олеснуваат контактите помеѓу филмските архиви во развој и постарите филмски архиви и во овој контекст посебно би сакала да ја поздравам децениската развојна мисија на Меѓународната федерација на кинотеките и филмските архиви, која денеска обединува 150 институции од 80 земји на сите континенти во светот, рече таа.

 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top