… продолжение (претходниот текст)
Причините за овие мерки, според составувачот на извештајот, биле преземени поради „асимилација и вклопување“ на Македонците во „националното стадо“. Со соодветна внатрешна и надворешна политика, според него, се планирало „заздравување на отворената рана“.
Иницијативата произлегла од водачот на Генералниот штаб (ГШ) за национална одбрана, генералот Фрондистис. Последниот, во декември 1959 година, повикал на советување претставници од МНР, Државната служба за информации (ΚΥΠ) и на управата за странци при МВР. На состанокот било зклучено дека е можно предизвикување „големи опасности“ поради неактивниот однос на грчката држава кон надворешната пропаганда и на организациите што дејствувале во внатрешноста. На него биле прочитани реферати, од кои подоцна генералот Фрондистис составил меморандум и го испратил до премиерот Караманлис. Во него биле посочени внатрешните и надворешни „закани“ за грчката држава. Посебно внимание се посветувало на „опасноста во пограничните реони каде што имало компактно ксенофоно малцинство“, со што официјални грчки служби де факто го признале постоењето на македонското национално малцинство. За надворешните „закани“ се предлагало назначување „аташеа за образование во главните амбасадорски и конзулски центри“. На претходно подготвените службеници за остварување на „мисиите“ ќе им се ставеле на располагање сите „потребни средства“. Мерките што требало да бидат преземени во самата Грција биле многу помногубројни. Се планирало да се формира „координативна комисија“, која би била составена од различни претставници на повеќе министерства, како и од службеници на ΚΥΠ. На чело на оваа комисија требало да застане директорот на првата канцеларија на ГШ на армијата. За подобра контрола на теренот, требало да се постави координатор во Министерството за северна Грција, кој би бил и еден од надзорниците на окрузите. Во овој пакет-мерки биле предвидени да се вклучат и Институтот за македонски студии (ЕМС) и Балканолошкиот институт (ИМХА), нивната активност требало да биде насочена кон интелектуално спротивставување на „Славомакедонската пропаганда“. Со посебните „мерки“ се планирало со секакви средства (образовни, полициски, воени и други), да се постигне асимилација и погрчување на Македонците. За „откорнување и отуѓување“ на преостанатото македонско население било предвидено негово преселување во странство, но и „пренесување на населението со словенска свест на разни места, јужно од реката Бистрица“.
На крај од меморандумот се нагласувала потребата од „неотповикливо одбивање за репатризација“ на македонското население, кое ја имало напуштено Грција.
Во јуни 1959 година бил потпишан југословенско-грчкиот договор за комуникација. Со него била предвидена економска, културна и судска соработка меѓу двете држави. За заживување на економските врски било планирано да им се доделат погранични карти на 3.000 луѓе од двете земји. Дејноста во соседната држава била ограничена во зона од 10 километри. Од југословенска Македонија биле опфатени 57 населени места, додека од грчка Македонија биле опфатени 62 села од леринскиот, кукушкиот и пелскиот округ.
Неколку денови по потпишувањето на споменатиот меѓудржавен договор, до грчкиот министер за надворешни работи, Евангелос Авероф, бил поднесен нов меморнадум за „внатрешниот развој на македонското прашање“. Негови составувачи биле директорот на првата политичка управа при МНР, К. Химариос, амбасадорот на Грција во Белград, Димитриос Николареизис, и неговиот наследник Трисивулос Цакалатос. Во меморандумот биле прифатени најголем дел од заклучоците од претходниот на Фрондистис, но со „една основна разлика“. Според тројцата наведени автори, Македонците, во целина, во западна Македонија не биле непријателски расположени кон Грција и затоа не предлагаат нивно иселување. Меѓутоа, постоел еден „неодреден број на личности… кои не требало да бидат оставени на случајноста“. Во меморандумот се нагласувала потребата за асимилација на Македонците, која требало да биде постепена и спроведена на внимателен начин. Македонското малцинство, според составувачите на овој план, покрај македонскиот јазик, во почетниот стадиум требало добро да го научат грчкиот и паралелно во своите домови да ги говорат двата јазика, за на крај, „по навика“, да го отфрлат македонскиот и го прифатат грчкиот јазик. Откако министерот Авероф го прифатил меморандумот, го испратил до министерот за внатрешни работи, Тако Макрис, со кого ги „проучувале начините за неговото спроведување“. На крај, меморандумот бил испратен до премиерот Караманлис, кој се согласил со предлозите на составувачите.
На 8 октомври 1959 година министерскиот совет едногласно го усвоил рефератот на министерот за надворешни работи Авероф. Тој предложил да се назначи во Солун генерален координатор, кој би располагал со 15.000.000 драхми. Висината на финансиските средства имало за цел да го покаже „државниот интерес кон населението“. Координаторот би добивал помош од координативна комисија, која требало да се создаде од сите заинтересирани министерства. Потребата од спроведување на предлозите на министерот Авероф била нагласена и на состанокот од август 1960 година. На него учествувале претставници од владата и од националните институции. Улогата на генералниот координатор била надополнета. Тој во рок од еден и пол месец требало да ја обиколи западна Македонија и лично да се увери за недостатоците и за потребите на населението, со посебен осврт на училиштата и на црквите. Како и претходниот проект, така и овој останал само во плановите на одредена група луѓе. По еден месец бил свикан нов состанок, при што било решено да се формира Извршен комитет од два члена, К. Химариос како претставник на МНР и еден висок службеник од МВР. Нивната задача се состоеле во „забрзување на мерките за кои ќе се одлучело, со цел – спротивставување на словенската пропаганда“, а воедно и испраќање на извештаи за националната дејност до своите министри.
Конкретни мерки, кои за државниот врв претставувале „национален интерес“, грчката држава презела по одржувањето на состанокот од 9 ноември 1960 година. На него учествувале министрите за надворешни и за внатрешни работи, Авероф и Макрис, префектите на костурскиот, леринскиот и јанинскиот округ, највисокиот управник на полицијата во западна Македонија, Романос, надзорникот на окрузите Карабоцос и Химариос. Новоформираниот координативен совет имал широки овластувања во спроведувањето на веќе донесените одлуки, но и во изнаоѓање нови асимилациски мерки. Членови биле отпорано докажаните „национални дејци“: Карабоцос, Романос и Химариос. Тричлениот совет било определено да се состанува секоја прва среда од месецот. Извештаите од секој состанок требало да се испраќаат до министрите за внатрешни и за надворешни работи. Од позначајните одлуки што ги донела оваа „тројка“, биле:
- формирањето градинки во македонофоните села во западна Македонија;
- реконструкција на оштетените цркви од Граѓанската војна, и
- изградба на нови, и извршување дела корисни за општеството во Македонија.
Министерот за финансии Папаконстантину ставил на располагање 5.000.000 драхми на координативниот совет и ветил уште толку до крајот на финансиската година. Исто така, финансии биле предвидени за изградба и тековно оддржување на градинките. Разбирање за потребата од спроведување на наведените мерки искажал и премиерот Караманлис, кој прифатил отварање градинки во македонските села, кои имале повеќе од 30 предучилишни деца, како и градење одреден број училишта и цркви. Од посебно значење во спроведувањето на асимилацијата и засилувањето на пропагандата кон македонското население било доделувањето печатница на друштвото „Аристотелис“ во градот Лерин, во вредност од 500.000 драхми, од кои 300.000 биле дадени од МНР. Советот планирал стипендирање на 20.000 „славофони“ студенти. Локацијата за нивното академско усовршување несомнено била избрана појужно, т.е. тие би се праќале во институтот Тосицион во Кифисја. Неспроведувањето на најголем дел од предвидените мерки на дело, претставувало повод за поднесување извештај на тричлениот совет до соодветните институции за негово распуштање. Одлуката на Советот со молчење била прифатена од Владата. Според авторот на овој извештај, кој бил и еден од членовите на споменатиот Совет, нивната работа иако била краткотрајна, сепак претставувала „основа за почнување дело со долг дух“, чијашто крајна цел би била „асимилација на славофониот елемент“.
Во својот заклучок, авторот на извештајот Химариос забележал дека во периодот од 1958 до 1963 година биле вложени големи напори за придвижување на работата за асимилација на етничките Македонци во Грција. Целата грчка влада, вклучувајќи го и нејзиниот претседател, секогаш биле известени и давале согласност за преземање на потребните мерки. На крајот Химариос ги советувал соодветните институции и личности за продолжување, т.е. за целосно завршување на „делото“, додека мерките преземени со „посебните програми“ претставувале добар начин за разрешување на „невралгичната ситуација во западна Македонија“. …
(Пишува: Д-р Димитар Љоровски-Вамваковски
Текст објавен во 85. број на неделникот „Република“, 18.04.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Студентите на ФИНКИ изработија нова едукациска алатка за учење историја
-
Бекер: Да имав можност да играм со Федерер на Вимблдон, сигурно ќе бев поразен!
-
Жежов: Република Македонија е исправена пред еден од најтешките предизвици од независноста до денес
-
Проф. Котлар: Можеме да зборуваме за заеднички процеси во одредени периоди со Бугарија, но не и за заедничка историја