Овој четврток, 8 мај, српската рок-група „Ван гог“ токму од Скопје ќе ја почне својата голема балканска промоција на новиот албум „Неумерен у свему“.
– Промоцијата ја замисливме како своевидно дружење, лице в лице со нашите фанови. Сакаме да размениме мислење, енергија, да се дружиме. Наместо класично преслушување на песните од новиот албум, ние дел од нив ќе ги отсвириме во живо – вели лидерот на бендот, Звонимир Ѓукиќ-Ѓуле.
Македонските обожаватели првпат ќе имаат можност да ги слушнат „Ван Гог“ во акустична варијанта. На промоцијата ќе биде промовиран и третиот видеоспот од новиот албум, за песната „Прва и последња кап“.
– Возбудени сме што доаѓаме во Скопје и со нетрпение ја очекуваме средбата со нашите фанови. Во Македонија секогаш сме имале незаборавни настапи. Не случајно и првиот настап со новиот албум ни беше токму тука, во Вевчани – велат од групата.
Промоцијата ќе се одржи во холот на „Ситимол“ со почеток во 19 часот. За најверните обожаватели на групата ќе биде организирана игра, на која ќе се поделат 100 примероци од новиот албум.
Промоцијата е од отворен карактер, а поканети се сите љубители на групата „Ван гог“ и пријатели на добрата мзуика! Освен во Скопје, за турнејата се планирани речиси сите поголеми градови на просторите на бивша Југославија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


