Денеска, 5 мај, во 12 часот, во библиотеката „Страшо Пинџур“ во Скопје ќе се одржи книжевно пладне посветено на првата македонска поетеса Даница Ручигај, којашто ѝ припаѓа на третата генерација македонски поети кои во шеесеттите години на минатиот век внесоа силен, свеж бран во современата македонска поезија. Повод за одржување на овој настан е осумдесетгодишнината од раѓањето на поетесата којашто иако, поради прерано завршениот физички живот, зад себе остави само две стихозбирки, претставува автор со историско значење за современата македонска книжевност – автор којшто има дадено свој автентичен придонес во нејзиното осовременување и модернизирање.
Својата дебитантска стихозбирка „Сребрени ноќни игри“, во којашто доминираат љубивните мотиви, Ручигај ја објави во 1960 година и со неа промовира специфично, модерно структурирање на поетскиот израз, а по тој повод Петре М. Андреевски има забележано: „На видело е веќе збирка поезија на автор-жена, за што се чувствуваше скудност во нашиот поетски именик“. Стихозбирката „Заробеници на ветрот“, во којашто ветрот е метафора за заканата и непредвидливоста на судбината, објавена е во 1963 година, по загинувњето на Ручигај во катастрофалниот скопски земјотрес.
На настанот којшто ќе се одржи на денот на раѓањето на Даница Ручигај, беседа за нејзината поезија ќе одржи проф. д-р Кристина Николовска, којашто важи за добар познавач на творештвото на првата македонска поетеса.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Потребата од дигитализација во 21 век-тема за панел дискусија во библиотеката „Браќа Миладиновци“
-
Детскиот оддел во градската библиотека во Прилеп ќе добие нов лик
-
Музејот на современа уметност доби Библиотека и истражувачки центар
-
„Влези во нов свет“ – Прва национална кампања за подигање на свеста за улогата на библиотеките во заедницата