Македонскиот шампион Вардар утре го игра првиот натпревар против Металург во плеј-офот од Суперлигата. Ова ќе биде петти меѓусебен дуел оваа сезона на двата наголеми конкуренти за титулата во националниот шампионат. И двете екипи беа елиминирани во четвртфиналето од Лигата на шампионите. Металург на двапати беше убедливо совладан од Кил, додека Вардар на несреќен начин го заврши својот настап во елитното клупско натпреварување, откако беше на чекор до пласман на завршниот турнир во Келн. Сепак, голманот Страхиња Милиќ смета дека тој меч против Флензбург е веќе минато и сега сите мисли се насочени кон дуелот со Металург.
“Точно е тоа дека малку паднавме психолошки по елиминацијата од Флензбург во ЛШ, но за нас тоа е веќе минато. Нѐ очекува нов двомеч со нашиот најголем конкурент за титулата, Металург. Тој меч, секако, нема да биде и решавачки, но тој што ќе победи в петок ќе биде на психолошки план постабилен пред вториот дуел. Нашите меѓусебни натпревари секогаш ги решавале нијанси, па верувам дека така ќе биде и сега. Ќе победи оној што ќе одигра подобро во одбраната, потоа повеќето интервенции на голманите, но и среќата ќе има свој удел” – изјави Милиќ.
Дуелот меѓу Вардар и Металург се игра утре од 17.30 часот, во СЦ “Борис Трајковски”.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.