Според член 81 од Уставот на Република Македонија, новоизбраниот претседател на државата Ѓорге Иванов треба да го почне новиот мандат најдоцна до 12 мај 2014 година, со давање свечена изјава пред Собранието, со која се обврзува на почитување на Уставот и на законите.
Новиот собраниски состав, пак, во согласност со Уставот, треба да се конституира најдоцна 20 дена по одржаните избори, односно до 17 мај 2014 година.
Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав. Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите, односно на 18 мај 2014 година. Седницата во таков случај ја свикува најстариот по години избран пратеник, а доколку и тој одбие да ја свика, тоа право преминува редоследно на наредниот по години избран пратеник, сè до избраниот пратеник што ќе се согласи да ја свика првата седница.
Мандатот на новоизбраните пратеници почнува да тече од конститутивната седница на Собранието.
Откако ќе се утврди кворумот, се избираат претседател и членови на Верификациската комисија на Собранието на РМ. Мандатот на пратениците Собранието го верифицикува на конститутивната седница, по предлог од Верификациската комисија.
Собранието може да ја одложи верификацијата на мандатот на пратеник и со заклучок да побара Државната изборна комисија да ги изврши потребните согледувања, заради проверка на законитоста и правилноста на спроведениот избор, и во рок од 30 дена за тоа да го извести Собранието.
Претседателот на државата е должен во рок од 10 дена од конституирањето на Собранието да го довери мандатот за формирање Влада, односно најдоцна до 27 мај 2014 година.
Мандатарот од партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.
Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, треба да биде избрана во Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, најдоцна до 16 јуни 2014 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.