Македонскиот шампион ЖРК Вардар ќе патува за Будимпешта во мисија за историски успех во премиерното издание на фајналфор турните во Лигата на шампионите. Во конкуренција на Будуќност, Ѓер и Митјиланд, вардарки ќе атакуваат на европската круна. Прв противник на 3 мај е црногорскиот првак Будуќност, а ако се мине првата пречка, следи настап во финалето против подобриот од дуелот меѓу Ѓер и Митјиланд.
„За првпат ќе се игра фајналфор во историјата на Лигата на шампионите, и возбудена сум и среќна што ќе бидам дел од овој настан. Им ја препуштам предноста на ракометарките на Будуќност, бидејќи имаат искуство и титула од ова натпреварување. Тие ќе бидат благи фаворити, но знам дека цела Македонија ќе биде зад нас и се надевам дека ќе го донесеме трофејот“, изјави Андреа Лекиќ.
Еден од адутите за успех и титула ќе биде и Јованка Радичевиќ, ракометарка што има трофеј од ЛШ со Ѓер.
„Ќе биде возбудливо, особено нашиот дуел со Будуќност кој е многу поинтересен од второто полуфинале. Се надевам дека ќе играме финале за титулата и дека вредниот пехар ќе биде наш“, изјави Радичевиќ.
Алисон Пино ќе игра за првиот клупски трофеј во својата кариера, а вели дека шансите се израмнети за првиот дуел со Будуќност.
„Ќе мора да бидеме трпеливи. Ги респектираме сите ривали, но не сакаме да бидеме само учесници, туку рамноправен конкурент за титулата. За мене ова е единствено искуство, досега не сум имала можност да го кренам пехарот. Ќе ги замолам моите колешки да дадеме се од себе, за да имам можност да се радуваме на трофејот“, изјави француската репрезентивка.
До патот кон европскиот врв вардарки ги предводи ракометната легенда Индира Кастратовиќ. Тренерот на ЖРК Вардар има историска шанса да биде единствената дама во Лигата на шампионите со трофеи и како активна ракометарка и како тренер.
„Не би биле спортистки ако не го посакуваме првото место и трофејот. Одиме во Будимпешта да ја комплетираме успешната сезона. Мотивацијата и желбата е огромна, добра атмосфера нема да ни недостасува, а нијанси ќе одлучуваат за конечниот победник. Не одиме во Будимпешта за да учествуваме или да се предадеме. Ќе атакуваме на трофејот“, вели Кастратовиќ.
Полуфиналните дуели се на 3 мај, а Вардар и Будуќност ќе играат од 17 часот. Финалниот меч е следниот ден, а на овие три натпревари се предвидени продолженија, доколку во регуларниот дел биде нерешено. Само на мечот за трето место во недела на 4 мај, во таков случај, при израмнет резултат по 60 минути игра, веднаш ќе се изведуваат пенали.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.