| четврток, 6 декември 2018 |

Конституирањето на Собранието на РМ не е доведено во прашање

Sobranie na RM 03 (Custom)Според Уставот на Република Македонија, новиот собарниски состав треба да се конституира најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав. Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите. Мандатот на пратениците почнува да тече од конститутивната седница на Собранието.

– Без разлика каков ќе биде резултатот од политичката одлука на партиските органи на СДСМ, постапката на конституирање на Собранието на РМ не е доведена во прашање бидејќи во согласност со членот 10, став 3 од Деловникот на Собранието на РМ, Собранието може да се конститутира ако на седницата присуствуваат мнозинство на избраните пратеници – вели проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска од Правниот факултет во Скопје. Додава дека ако СДСМ одлучат да не ги признаат изборните резултати ќе треба да поднесат оставка на нивните пратенички мандати.

Откако ќе се конституира Собранието на РМ, како што појасни, може нормално да продолжи со работа, но и со другите дејства, како што се давањето свечена изјава на претседателот на републиката пред пратениците, неговото доделување на мандатот за состав на нова Влада на мандатарот, изборот на нова Влада на РМ и слично. Во однос на натамошните дејства, ако пратениците на СДСМ решат да поднесат оставки, треба да се започне постапка на пополнување на испразнетите места.

Во согласност со Изборниот законик, по поднесените оставки, ако на листата на кандидати нема кандидати и ако се исцрпени основите за здобивање мандат на пратеник утврдени во членот 153 од Изборниот законик, се распишуваат дополнителни избори за избор на пратеници во изборната единица од која е избран пратеникот.

– Значи, варијантата на распишување дополнителни избори се однесува само на испразнетите места за пратеници, а не и повторни избори за сите пратеници во Собранието на РМ. Но, евентуалното одржување на дополнителните избори не значи нефункционирање, односно блокирање на работата на другиот дел од Собранието. Самиот факт што Собранието има 89 пратеници, значи повеќе од 2/3 мнозинство од мандатите значи дека тоа може нормално да работи, нормално да донесува одлуки и да функционира како стабилна институција – истакна Каракамишева-Јовановска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top