Вечерва во Минхен, Баерн и Реал, ќе се борат за место во финалето во Лигата на шампиони. Екипата на Пеп Гвардиола ќе брка негатива од 1:0 против Реал Мадрид.
Тренерот на Баварците за овој натпревар ќе ги има на располагање сите играчи, освен повредените Тиаго Алкантара и Џердан Шаќири.
– Мислам дека не е важно кои играчи ќе го почнат натпреварот. Играчите што ќе го почнат натпреварот за Реал, ќе се бранат и ќе напаѓаат заедно. Секогаш имаат играч кој може да го реши натпреварот, не е тоа само Роналдо, тука се и Бејл, Иско. Реал негува брза игра, неговите играчи се движат многу брзо од одбрана во напад. Доколку ја загубите топката, морате многу бргу да го затворите просторот и да се поставите во дефанзива – изјави Пеп Гвардиола.
Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, пред вечерашниот дуел против актуелниот шампион Баерн им порача на своите фудбалери да не се плашат и да излезат смирени на теренот.
– Натпреварот ќе биде тежок. Играме против одличен тим со мала предност. Мислам дека тактиката нема да биде пресудна, туку тоа кој ќе биде подобро подготвен психолошки – изјави Анчелоти.
Овие две екипи досега 11 пати се сретнале во Лигата на шампионите. Баерн Минхен има шест победи, наспроти четирите на Реал Мадрид, додека само еден натпревар завршил без победник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.