Општина Велес во петок одбележа 111 години од солунските атентати и обидот на Гемиџиите да го свртат вниманието на Европската јавност кон тегобната состојба на македонскиот народ. Дванаесетмината млади револуционери водени со идејата дека индивидуалните акции ќе вродат со плод во намерата да се допре до свеста на Европа, на 28 април 1907 година го запалија францускиот брод „Гвадалкивир” во солунското пристаниште и во наредните неколку дена изведоа диверзантски акции на повеќе објекти во Солун меѓу кои и Отоманската Банка.
Чинот на Гемиџиите наиде на силен одек во европската и светската јавност. Гемиџиите го положија својот живот за татковината и го отворија македонското прашање на страниците на европската историја.
Во нивна чест делегации на Општина Велес, Општинската организација на сојузот на борците, здруженија на граѓани, политички партии и поединци положија букети цвеќе пред споменикот на Гемиџиите на кејот на Вардар, а осврт за нивниот лик и дело даде Слободан Ников, раководител на Државниот архив од Велес.
Во рамките на одбележувањето на 111 годишнината од солунските атентати, делегациите положија цвеќе и на гробовите на најмладиот Гемиџија, Милан Арсов и војводата Јован Наумов-Алабакот, во село Ораовец.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.