Секое лошо за арно е, Вардар ќе се врати посилен идната сезона, коментираа навивачите на „црвено-црните“, по неверојатната драма против Фленсбург, во која „црвено-црните“ загубија во добиена ситуација.
„Срцето ќе пукне, ваква драма не се издржува. Само за арно нека е и Вардар да оди во Келн“, вели Сашо, страствен навивач на Вардар. За жал „црвено-црните“ не издржаа, но нема што да им се забележи. Се бореа со гиганти во текот на целиот циклус во Лигата на шампионите. И не отстапија пред никого. Во Скопје не минаа ниту најтрофејната европска екипа Барселона, ниту најскапиот тим во историјата на ЛШ, Пари Сен Жермен, ниту пак континенталниот шампион Хамбург, чија круна падна пред вардарци.
Се испишаа прекрасни приказни, се доживуваа чудесни моменти во врвни ракометни претстави. Се појавија нови спортски миленици од врвен калибар во ликот на Тимур Дибиров, Алекс Дујшебаев, Игор Карачиќ, Матјаж Брумен. Се потсетивме на квалитетите на неверојатниот Петар Ангелов, а заслужни за феноменалната аванура на Вардар во ЛШ беа сите, од тренерот Раул Гонзалес, до последниот јунак што беше на паркетот.
И против Фленсбург, Вардар се врати како феникс, од потполно загубена ситуација. На семафорот стои резултат 10-15 за гостите, Германците имаат сигурен билет за Ф4 во Келн и се чини дека последните 30 минути од двомечот со македонскиот првак се само формалност. Па кај може да се анулира негатива од вкупни 7 гола разлика, патем и да се направи плус 8?
Тоа личи на неверојатен потфат, што треба да им го приредите на најподготвените, најсилните. Оти Германците се од тој ков. Секогаш моќни, дисциплинирани до бескрај, мотивирани, влијателни и квалитетни.
А Дујшебаев, Карачиќ, Брумен, Дибиров и останатите ракометари на Вардар ги наттрчаа ривалите од Фленсбург цели 30 минути, во пеколен ритам стасаа до позитива од 27-23, доволна за пат во Келн. За место во историјата, за аналите на Лигата на шампионите. Ретки се екипите што на Германци им направиле таков пресврт и ги декласирале во нивната најсилна дисциплина, физичката подготвеност. Го немаше Фленсбург во пеколот во „Борис Трајковски“, Гландорф, Магнусен и компанија беа во класичен нокдаун, но недостасуваше завршен удар од Вардар.
Тик-так одбројуваше часовникот во салата. Има само уште 30-на секунди, а македонскиот претставник треба да ја одбрани позитивата од 3 разлика, 27-24 и да се најде во друштво на гигантите во Келн. Во битка за трофејот, за драгоцената европска круна, но Егерт е ладнокрвен како шрицер, погоди од седмерец и го замолкна Скопје и цела Македонија.
Треперевме, влегувавме од шок во шок, од разочарувачки минус 5, до херојски плус 4, но на крајот Фленсбург ќе игра за титулата европски првак. Минаа на разлика, во егал ситуација со вкупен резултат 49-49, а сепак мора да им се честита. Капата доле пред нив, оти и тие си имаа мака и имаат право да се радуваат. Претходно 3 пати испаѓаа во четвртфиналето. Си го дочекаа моментот за слава, за радост, за успех.
И вардарци немаат за што да жалат, одиграа храбро, јуначки, им покажаа заби на гигантите и заедно со Металург и женската екипа на Вардар донесоа многу пријатни и незаборавни моменти во секој наш дом. Затоа главата горе, до некоја нова шанса за пробив до европскиот врв.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


