| четврток, 6 декември 2018 |

Почина полскиот поет Тадеуш Ружевич, добитник на „Златен венец“ на СВП

Вчера, на 24.03.2014 година, во својата 93-та година од животот во Вроцлав почина Тадеуш Ружевич, еден од најголемите современи полски поети, добитник на бројни меѓународни книжевни награди, меѓу кои и на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1987 година.

Тадеуш Ружевич се родил на 9 септември 1921 година во Радомско, во близината на Лоѓ. Студирал историја на уметноста на Јагјелоснкиот универзитет во Краков. Војната и окупацијата на Полска од страна на Германија го прекинуваат книжевното творештво на младиот Ружевич, кој своите први песни ги објавува во книжевните списанија уште во 1938 година.

Неговата прва збирка песни „Немир“ излегува во 1947 година. Искусувајќи ги страотиите на војната сфаќа дека веќе не е можно да се пишува на ист начин како претходно. Неговиот творечки став е јасен: „Деветнаесеттиот век го уби бог, а дваесеттиот век го уби човекот, како тогаш да се пишува поезија, која претставува еманципација на човечкото битие?“ Затоа тој е еден од првите поети што прави драстични промени во поетскиот израз, отфрлувајќи го романтичниот орнаментализам и употребата на поезијата како катарзичен медиум. Неговата поезија е полна со иронија и со нему карактеристичниот црн хумор. Иако е мошне циничен, сепак тој го постигнува највисокиот дострел во таканаречената антипоезија во современото поетско творештво на Полска. И како што низ војните се разголи човечкото крвожедно битие, така Ружевич ја разголува докрај поезијата, зашто според неговото сфаќање, поезијата мора да умре, за да се роди нова поезија, бидејќи поезијата е совршено огледало на човекот и времето во кое тој живее.

Други позначајни книги поезија му се: „Црвената ракавица“(1948), „Времето што поминува“ (1951), „Рамница“ (1951), „Сребрениот клас“ (1955), „Собрани песни“, „Форми“, „Разговор со кнезот“(1960), „Зелената роза“, „Лице“ (1964), „Третото лице“ (1968), „Собрани песни“ (1976) и други.

Во полската проза и драма Ружевич внесува нов вид книжевни јунаци, без профилиран идентитет, човек кој е пасивен, кој може да биде секој и никој. Самиот Ружевич ги нарекувал своите дела реалистичко-поетска драма.

Ружевич исто така беше и еден од најголемите драмски писатели и еден од клучните претставници на полскиот „театар на апсурдот“. Својот театар самиот го нарекува реалистичко-поетски.  Напишал 12 драми, од кои најпознати меѓу најпознатите се вбројуваат „Картотека“ (1958), „Старицата седи чекајќи“ (1969)  и „Стапица“ (1982)

Во овој миг, оддавајќи му почит, Струшките вечери на поезијата потсетуваат на тоа дека неговите книжевни вредности и остварувања, за кои е овенчан и највисокото светско признание за поетско творештво, Златниот венец, остануваат да бидат трајно зачувани во светската поетска ризница преку бројните преводи, меѓу кои и на македонски јазик.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top