Модната креаторка Антонија Ристовска ја претстави својата нова колекција пролет-лето 2014, со која го одбележи и 20-годишниот јубилеј од својата работа. Најновата колекција е инспирирана од модерната архитектура која почнала да се создава во 20-тите и во 30-тите години од 20 век, позната како арт деко движење, под влијание на движењата на модернизмот, кубизмот, футуризмот и функционализмот.
– Во создавањето ме водеше потребата за промена и за нов модерен изглед на жената од денешницата. Промената што е предизвикана од арт деко движењето како архитектура на орнаменти, геометрија, енергија, ретроспектива, оптимизам, боја, текстура, светлина и некогаш дури и како симболизам. Во креациите се забележува тродимензионалност, искажана длабочина и текстура во самите апликации. Кроевите ја нагласуваат женственоста изразена преку строги и меки линии. Изразени се контрасти во комбинирањето на боите и материјалите. Во изработката е применета техника рачна изработка пред машинско шиење. Стилски колекцијата е минималистичка и е во духот на 60тите и 80-тите години. За колекцијата се изработени брендирани копчиња и парчиња накит – изјави креаторката Антонија Ристовска.
Во нејзината досегашна работа влегуваат 20 колекции и 15 ревии на територијата на Македонија, Косово и Турција.
фото: Игор Ангеловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.