Вардар има историска шанса да биде првата македонска машка екипа што ќе игра на завршниот турнир во Лигата на шампионите. Скопје и Македонија ќе горат в сабота, а епицентарот ќе биде салата „Борис Трајковски“. Реваншот во кој Вардар влегува со негатива од 2 гола, 22-24, ќе се игра од 17 часот.
– Ова е историски меч за нас, за цела Македонија. Одигравме тежок меч во Фленсбург, а не смеам да ги заборавам играчите. Тие се јунаците што одиграа добро, храбро, квалитетно и нѐ доведоа на прагот на подвиг.
Не смееме да паднеме на притисокот бидејќи многумина мислат дека лесно ќе минеме понатаму. Фленсбург е одлична екипа, компактна, со истакнати поединци, вклопени во добар колектив. Ќе бидат подготвени на сѐ, а ние треба да сме максимално подготвени за сите искушенија. Мора да му посветиме специјално внимание на Моргесен и против него да одиграме добра одбрана. И да се бориме за секоја топка, секоја секунда од мечот, бидејќи сите добро ја познаваат упорноста на германските екипи.
Верувам дека моите ракометари ќе дадат максимум и над тоа, а реваншот ќе покаже дали тоа ќе биде доволно за успех. Без разлика на исходот, им благодарам на играчите за досегашните игри, труд и квалитет што го прикажаа – изјави шпанскиот стретег на Вардар, Раул Гонзалес.
Тој доби комплимент од левиот бек, Филип Лазаров, кој игра како препороден токму под команда на шпанскиот матадор.
– Му благодарам на тренерот Раул Гонзалес што направи магично добра работа, а резултатите се видливи. Ако кажам дека немаме што да загубиме, таа изјава нема да мине во овој случај. Имаме што да загубиме, а влогот е историја и настап на фајналфор. Ова е посебен меч, најтежок испит досега. Професорот ќе биде многу строг, а ние треба да сме подготвени за многу точни одговори. Верувам дека ќе го минеме тестот. Повторно треба да играме трпеливо. Тие се навикнати на брза игра, можат да даваат и по два гола во една минута, а ние не го дозволивме тоа во „Фленс арена“. Видливо беше дека се нервираат, и тоа треба да го репризираме и во Скопје – вели Филип Лазаров.
Гостите ќе пристигнат утре околу 12 часот, а интересно е што Фленсбург сака конечно да го симне четврт-финалното проклетство. Досега во три обиди во овој систем на натпреварување во ЛШ испаѓаа во оваа фаза, и тоа на чуден начин – со победи на гости и порази дома.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.