Македонскиот ракометен шампион Вардар го потврди трансферот на хрватскиот репрезентативец Блаженко Лацковиќ, кој доаѓа во редовите на „црвено-црните“ од Хамбург и ќе игра во Скопје во следните три сезони.
„Вардар може да го потврди трансферот на БлаженкоЛацковиќ кој ќе стапи на сила од сезоната 2014/2015 со важност во следните три години. Со неговото ангажирање, екипата добива уште еден врвен професионалец кој игра на позицијата лев бек, со подеднакви квалитети во нападот и одбраната. Среќни сме што и Блаженко Лацковиќ во Вардар препозна сериозен и квалитетен клуб, со амбиција да биде секогаш во врвот. Со неговото доаѓање во Вардар, ги потврдуваме и нашите амбиции за создавање на силна, конкурентна и пред се хомогена екипа која ќе може да се спротивстави на секој ривал. Се надеваме дека ова ќе биде почеток на една успешна соработка на БлаженкоЛацковиќ и Вардар која ќе трае и ќе биде исполнета со успеси”, изјави Давор Стојановски, директорот на РК Вардар.
Трансферот на Лацковиќ беше договорен уште пред осминафиналниот двомеч меѓу Хамбург и Вардар во Лигата на шампионите, а хрватскиот интернационалец беше елиминиран со својот сегашен клуб од тимот за кој ќе игра во иднина. Лацковиќ има 33 години и е еден од најдобрите леви бекови на планетата во последните десетина години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.