| четврток, 6 декември 2018 |

Есперанто Вардар

Интересен е начинот на комуникација во редовите на македонскиот првак Вардар, со оглед дека тимот е составен од многу интернационалци и е предводен од шанскиот стратег Раул Гонзалес.

Се сеќавате на светскиот јазик Есперанто, најмногу зборуваниот вештачки јазик. Малку подзаборавен, но таман за да може да се комуницира со сите. Вардар е Есперанто, во редовите на „црвено-црните“ се говори на многу различни јазици, но сето тоа изгледа многу симпатично и дава ефект.

Гонзалес говори на шпански на тајм-аутите, а преведува Младен Петриќ, бекот на „црвено-црните“ кој говори португалски, бидејќи играше во Порто. Забавата продолжува на македонски, а за домашниот јазик задолжени се Филип Лазаров и Петар Ангелов. Паузата трае само една минута, доволно да слушнете и некој збор на руски од Дибиров, Чипурин и Душебаев, кој патем има и шпански пасош, па потполно ги разбира инструкциите на тренерот.

За да има примеси и од Балканот, задолжени се Хрватите Игор Карачиќ и Лука Раковиќ, потоа Словенците Матјаж Брумен и Миладин Козлина и Србите Прибак, Тоскиќ, Петриќ, Абутовиќ, Милиќ и Марковиќ. За добра атмосфера тука е шпанскиот ветеран меѓу стативите Ињаки Малумбрес, кој е Баска од Вилава. Разликите се споија на неверојатно добар начин и тоа за кус период, а Вардар има историска шанса да игра на фајнал-фор турнирот во Келн. За тоа на шампионот од Македонија со играчи од сите страни на планетата му треба победа од три голови разлика против Фленсбург во реваншот на 26 април во скопскиот пекол во салата „Борис Трајковски“.

(Пишува: Зоран Поповски)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top