Дури 384 страници со најавени 2.046 проекти, со конкретни рокови за нивно исполнување, тоа е изборната програма за предвремените парламентарни избори на владејачката ВМРО-ДПМНЕ наспроти 100 страници без конкретни проекти, без рокови за нивно исполнување во програмата на СДСМ. Разликата и остварливоста меѓу економската политика и проекти на позицијата и опозицијата е повеќе од очигледна. Додека ВМРО-ДПМНЕ ги има опфатено сите категории граѓани и инвестиции од сите сектори, од патишта, железнички и пловен сообраќај, авиосообраќај, градење, урбанизам, енергија, СДСМ анемично се осврнува само на некои сектори во кои ќе инвестира, но без детали како и кога ќе го направи тоа. Некои проекти, со кои најголемата опозициска партија се обидува да им се додвори на гласачите, се копија на проекти што владејачката гарнитура веќе на големо ги спроведува, како што се проектот за бенефиции за вработување лица до 29 години, бесплатното возење за пензионерите и заштитата на правата на работниците. Еве некои од најзначајните економски проекти што ги има во изборните програми на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.
ИНВЕСТИЦИИ
Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ
Доколку нема посериозна надворешна криза во светот или во Европа, во следните четири години очекуваме најмалку триесетина нови странски инвестиции во слободните и во индустриските зони, кои ќе креираат повеќе од 10.000 работни места.
Исто така, во следниот период ВМРО-ДПМНЕ ќе реализира нови мерки со кои ќе настојуваме сè поголем број домашни македонски компании да се вклучат во синџирот на набавувачи на мултинационалните компании што се присутни во Македонија, на европските и на светските пазари.
Реализацијата на инвестиции претпоставува и поголем увоз на инвестициски добра, суровини и репроматеријали. Во наредниот четиригодишен период очекуваме зголемување на извозот од околу 10 проценти и зголемување на увозот од околу 8 проценти годишно.
Изборна програма на СДСМ
Ќе водиме политика на привлекување странски директни инвестиции, која ќе се разликува од политиката на оваа Влада, која се сведува на трошење милионски суми за патувања во странство и за реклами. Наместо тоа, со нашата политика, парите и фокусот ќе се пренасочат кон активно решавање на проблемите на постојните странски инвеститори кои веќе се во земјата. Наместо скапи економски промотори, ќе воведеме концепт на економска дипломатија. Максимално ќе ги поедноставиме процедурите за добивање работни дозволи на странски државјани.
НЕВРАБОТЕНОСТ
Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ
Резултатот од работењето на Владата предводена од ВМРО–ДПМНЕ е 119.186 нови работни места споредено со 2006 година и исто толку посреќни семејства.
Но, борбата со невработеноста не е завршена и ние не застануваме.
Преку натамошно зголемување на износот на нови домашни и странски инвестиции, голем број инфраструктурни проекти што создаваат работа за домашните фирми, активна политика и мерки за вработување преку Агенцијата за вработување, силна поддршка на земјоделството и создавање конкурентна работна сила, ќе создадеме услови за натамошно намалување на невработеноста и за креирање нови работни места.
Нашата цел е до крајот на следниот четиригодишен мандат стапката на невработеност да се намали на ниво од околу 22 процента, што е остварливо доколку нема нови кризи во европската и во светската економија. Тоа значи дека во следните четири години во Република Македонија ќе се креираат најмалку 64.000 нови работни места.
За таа цел ќе придонесат и инвестициите во зоните и работните места што ќе се креираа таму. Ако успеавме да ја намалиме стапката на невработеност во услови на најголемата светска криза во последните 80 години, во стабилно окружување можеме и имаме кредибилитет да ветиме дека ќе успееме уште повеќе.
Изборна програма на СДСМ
Прв и најзначаен проект во областа на пазарот на труд и вработувањето е проектот „Гаранција за млади“. Иако оваа програма ќе создаде значителни буџетски трошоци, сметаме дека државата многукратно ќе ги надмине нив преку избегнување на долгорочните трошоци од невработеноста, неактивноста и загубената продуктивност.
Посебен дел ќе биде т.н. „Летна практика“, која ќе обезбеди поддршка за работодавци што ќе овозможат практика за студенти во текот на летните месеци.
Во однос на вработеноста, СДСМ предвидува некои проекти кои веќе се реализирани од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ планира ослободување од плаќање на социјалните придонеси за сите работодавци што ќе обезбедат прво вработување на млади лица до 29-годишна возраст во период од една година (услов да ги задржат најмалку две години); како и субвенционирање на вработувањето невработени млади лица на возраст до 29 години, со месечна финансиска поддршка за период од 6 месеци (со обврска работодавецот да ги задржи најмалку уште 18 месеци); што веќе се спроведува во практика.
ПЛАТИ
Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ
Во следниот четиригодишен период Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги зголемува платите на вработените во јавниот сектор по 5 отсто секоја година со исплатата на платата за октомври. Вкупното зголемување на платите за четири години ќе изнесува 21,5 отсто.
Политиката на планираниот пораст на платите е возможна доколку не се случи сериозна надворешна криза, која би влијаела негативно врз економската и финансиската состојба во Република Македонија. Зголемувањето на платите се однесува на просветните, здравствените, културните и социјалните работници, на вработените во судството, полицијата и во војската и на сите вработени во државната администрација и во јавниот сектор. Очекуваме порастот на платите во јавниот сектор да биде проследен и со постепено зголемување на платите во приватниот сектор во согласност со зголемувањето на економскиот раст и подобрувањето на состојбите во приватниот сектор.
Изборна програма на СДСМ
Нема предвидено зголемување на платите.
ДАНОЦИ
Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ и натаму ќе спроведува политика на ниски и едноставни даноци за фирмите, при што реинвестираната добивка и натаму нема да се оданочува. На тој начин тој што инвестира, ќе има право да одлучува како ќе располага со сопствените приходи. Повеќе средства за компаниите значи и повеќе средства за унапредување на работењето и воведување нови технологии и практики, нови инвестиции и работни места, а со тоа и економски раст на земјата.
Истовремено, ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со политиката за создавање рамен и еднаков терен за фирмите, на кој нема да егзистира нелојална конкуренција. Секој е должен да плаќа данок бидејќи даночните обврзници што редовно плаќаат данок се во неповолна положба во однос на тие што се дел од сивата економија.
Изборна програма на СДСМ
Ќе воведеме систем на персонален данок на доход со две даночни стапки (9 отсто и 18 отсто), кој ќе содржи и враќање на платениот персонален данок за граѓаните што имаат многу ниски месечни лични доходи.
ПЕНЗИИ И ДРУГИ МЕРКИ ЗА ПЕНЗИОНЕРИТЕ
Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ
Во следниот мандат, Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ ќе ги зголемува пензиите по 5 отсто годишно, со исплатата на пензијата за јуни. Вкупното зголемување на пензиите за четири години ќе изнесува 21,5 отсто.
Политиката на планираниот пораст на пензиите е возможна доколку не се случи сериозна надворешна криза, која би влијаела негативно врз економската и финансиската состојба во Република Македонија. Со оваа мерка и натаму продолжуваме да го подобруваме животниот стандард на пензионерите и да водиме вистинска грижа за нашите највозрасни граѓани.
За да се обезбеди квалитетен живот, социјална заштита и сигурност на старите лица, од 2015 година ќе почнеме со реализација на проектот „Бесплатен туристички викенд за пензионери“. Предност ќе имаат корисниците на пониска пензија. Секоја година оваа услуга ќе може да ја користат до 3.000 корисници на пензија во пролетниот и во есенскиот период, односно 12.000 пензионери за четири години. Предвидуваме и проект за бесплатен јавен транспорт. Владата, во соработка со Град Скопје, досега овозможи бесплатен превоз во градскиот јавен сообраќај во Скопје во вторник, петок и во сабота. Преку овој проект ќе се овозможи досегашната бесплатна услуга за превоз на пензионерите да се прошири и да важи и во недела.
Изборна програма на СДСМ
Ќе воведеме „пензионерска потрошувачка кошничка“. Таа ќе служи како основа за следење на трошоците на животот на пензионерите. Наместо на секои шест месеци, висината на пензиите ќе се усогласува на секои три месеци. Покрај бесплатниот градски превоз во вторник и во петок, на пензионерите во Скопје ќе им овозможиме бесплатен градски превоз и во сите други денови во неделата, во периодот меѓу 9 и 14 часот. За пензионерите од внатрешноста ќе се воведат субвенции за превоз во висина на трошоците за превоз на пензионерите од Скопје. За пензионерите во рурални средини, кои се оддалечени најмалку 10 километри од најблиската аптека, ќе воведеме систем на достава на лекови најмалку двапати месечно.
НАМАЛУВАЊЕ НА СТАПКАТА НА ДДВ ЗА БЕБЕШКИ ПРОИЗВОДИ
Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ
За да се даде поддршка на младите родители, ќе се воведе повластена стапка од 5 отсто на ДДВ за бебешки производи. Мерката се воведува со цел намалување на трошоците за набавка на овие производи, со што ќе им се помогне на родителите во првите години од раѓањето на нивните деца кога се изложени на зголемени трошоци.
За бебешки производи се сметаат: бебешко креветче, количка, транспортер, релаксатор, седиште за во автомобил, пелени, бебешка кади, хранилка, цуцли, шишиња итн.
Изборна програма на СДСМ
Нема предвидено мерки од овој тип.
ОТПИС НА ДОЛГОВИ
Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ
За да им помогнеме на најранливите категории граѓани, се предлага еднократен отпис на долговите на лица кои се корисници на социјална помош, лица кои подолго од 12 месеци се евидентирани како невработени лица, лица кои поради семејна несреќа се доведени во состојба да не можат да ги отплатат долговите.
Правото на отпис се однесува на следниве долгови со просечна состојба на 31.12.2013 година:
– Неплатени долгови за електрична енергија, долгови кон банките по основа на кредитни картички, минусни салда на тековни сметки и потрошувачки кредити кои се достасани за наплата, а неплатени подолго од 12 месеци, неплатени долгови за парно греење, долгови по основа на радиодифузна такса.
За наведените категории граѓани и долгови, отписот на обврските од страна на економските субјекти ќе се изврши на доброволна основа, преку одобрување даночен кредит од страна на државата во висина на отпишаните обврски. Покрај најранливите категории граѓани, корист од оваа мерка би имале и економските субјекти што би ги избегнале трошоците за завршување на постапките.
Изборна програма на СДСМ
СДСМ нема предвидено мерки од овој тип за помош на социјалноранливите категории. Нешто во слична форма е тоа што тие го промовираат како проект „Потрошувачки кредит“. За остварување на тој проект ќе се издвои од Буџетот до 3 милиони евра годишно, за делумно субвенционирање на каматата на потрошувачките кредити кои ги користат граѓаните. Притоа, каматната стапка на кредитот нема да биде над 5 отсто годишно, а Владата би субвенционирала до половина од трошоците за каматата. По корисник, кредитот ќе биде лимитиран на износ до 2.500 евра. Кредитот ќе биде наменет за граѓани што имаат месечна нето-плата до 12 илјади денари.
СУБВЕНЦИИ ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ
Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ во следниот мандат ќе продолжи со уште поголема поддршка на земјоделството. ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди вкупно 600 милиони евра за развој на земјоделството и руралните средини, односно по 150 милиони евра секоја година.
Како и досега, субвенциите најмногу ќе се доделуваат за конкурентните извозни култури: тутун, грозје, овошје, зеленчук, ориз, овчарство, но и за значајните житарки, полјоделски, индустриски и фуражни култури, говедарството, свињарството и производството на млеко, за кои субвенциите ќе бидат особено насочени кон зголемување на производството, приносите и квалитетот. Пристапот на определување на висината на субвенциите во согласност со големината на производниот капацитет или продадената количина ќе се прошири на сите мерки на поддршка.
Изборна програма на СДСМ
СДСМ во изборната програма се осврнува на земјоделството, но многу површно. Во програмата стои дека субвенциите ќе бидат наменети за конкурентен развој на земјоделството. Идната Влaда на СДСМ ќе доделува субвенции во досегашниот обем или повеќе, со одржување динамика на исплата, тогаш кога на земјоделеците им е најпотребно. И толку. Ниту збор колку ќе изнесуваат субвенциите.
НАМАЛУВАЊЕ НА ДДВ ЗА ДОБИТОЧНА ХРАНА И ЖИВИ ЖИВОТНИ
Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ
Македонија е зависна од увоз на телешко, свинско и на пилешко месо, како и на млеко и млечни производи. Една од причините за увоз на месо и на млечни производи е скапата добиточна храна во Македонија. Со намалување на стапката на ДДВ од 18 отсто на 5 отсто за добиточна храна, адитиви за добиточна храна и за жив добиток, директно ќе се стимулира производството на месо и на млечни производи, а со тоа ќе се намали и зависноста од нивниот увоз.
Изборна програма на СДСМ
Нема предвидено мерки од овој тип.
НАМАЛУВАЊЕ НА СТАПКАТА НА ДДВ ЗА УЧИЛИШТЕН ПРИБОР
Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ
Заради поддршка на родителите кои се изложуваат на дополнителни трошоци за набавка на училиштен прибор, ќе ја намалиме стапката на ДДВ од 18 на 5 отсто за училиштен прибор. Повластената стапка на ДДВ ќе се применува за следните добра: училишни чанти, тетратки, моливи, пенкала, блокови, работни тетратки, боички, линијари, шестари, пластелини, острилки, гуми, коректори и друго.
Изборна програма на СДСМ
Нема предвидено мерки од овој тип.
Она што го нема во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, а е дел од програмата на СДСМ е повратот на ДДВ. При купување на кој било производ или услуга, односно при секое плаќање, СДСМ предвидува можност за повраток на 15 отсто од платениот ДДВ, со што, според нив, секој граѓанин би имал поголема мотивација да инсистира на издавање фискална сметка, всушност, така сите граѓани би ја имале улогата на „даночни инспектори“.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 84. број на неделникот „Република“, 11.04.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата
-
Што говореше за Уставот пред да се предомисли предавничката Александрова и да ги гласа измените? (видео)