Во манастирскиот комплекс Зрзе, прилепско, во тек е реконструкцијата на североисточниот бедем на овој значаен споменик на културата, проект кој е поддржан во рамките на програмата за заштита на културното наследство на Министерството за култура. Во овој комплекс кој во себе содржи напластени културно-историски и духовни содржини од најстарите времиња до денес, беше реализиран проектот за реконструкцијата на владичиниот конак, а во моментот во завршна фаза е реконструкцијата на монашкиот конак, во кој, според основниот проект, предвидена е работилница за иконопис, копаничарство и други дејности кои се негуваат во монашкото братство.
До крајот на годината предвидено е да биде реализиран и проектот за изведба на горна порта, како и партерно уредување на целиот комплекс кој има исклучително значење за македонската културна и духовна историја.
Во изминатиот период, во манастирскиот комплекс „Зрзе” беа спроведени големи археолошки истражувања кои резултираа со пронаоѓање на монашка населба од втората половина на 9 век во бигорната карпа и старохристијански комплекс со базилика и гробница на локален маченик од 4, 5 и 6 век.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.