Гоце Величковски, фаворитот на СДСМ за Росоман на овие локални избори, во последне момент откажал послушност на раководството на партијата и поднел своја кандидатура за градоначалник на Општина Росоман, дознава денешен.мк. Величковски на овие локални избори ќе оди преку партијата на Јанко Бачев, Народно движење за Македонија. Слично како и Стефчо Јакимовски во Карпош, Величковски со печат на Народното движење за Македонија ја поднел и советничката листа за оваа општина, објави Денешен.
Во телефонски разговор, Величковски ја потврди информацијата, посочувајќи дека одлуката е лична, затоа што смета оти раководството на партијата не донело правилна одлука за бојкот на изборите.
Освен Величковски, резултатите од ДИК говорат дека во Велес, во градоначалничката трка преку СДУ влегува Марјан Спасовски, поранешен и долгогодишен претседател на општинската организација на СДСМ во Велес.
Голем број социјалдемократи одат и на советничките листи. Во Штип Мијалче Попандов и Марика Цанева влегуваат во советничката трка со биографии во кои стои дека се членови на СДСМ. Слична е ситуацијата и во Гевгелија каде што на советничките листи се имињата на Јован Платански и Петар Ефтимов како и во Крива Паланка каде во изборна трка за советник се впушта Милка Михајловска и Горан Милковски.
Во Прилеп преку СДУ оди поранешен секретар на локалната организација на СДСМ во градот.
Дали ќе има исклучување на сите членови на СДСМ кои се најдоа на листите или тоа е некоја задкулисна политика, останува да се види.
Инаку, „Република“ веќе објави дека седум лица советници од редовите на СДСМ од општина Кисела Вода се најдоа на советничка листа на СДУ.

СДСМ индиректно учествува на избори преку партијата на Драгиша Милетиќ и Фиат Цановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


