ВМРО–ДПМНЕ продолжува со претставување и доближување на новата развојна програма до сите граѓани, преку интензивна комуникација и редовни средби на кои транспарентно и детално ги образложуваме целите, бенефициите, начинот и рокот за реализација на секој од понудените 2046 проекти, коишто ќе бидат приоритет во следниот мандат и кои директно ќе придонесат за унапредување на квалитетот на живеење во сите општествени сфери, изјави министерот за труд и социјала Спиро Ристовски, на денешната прес-конференција.
– Денес презентираме нов сет на мерки и проекти од вкупно 47-те во областа на образованието, со коишто ќе продолжиме да градиме современ и конкурентен образовен систем, притоа нудејќи нови можности и бенефиции за учениците основци и средношколци, нивните родители, студентите, воспитно-образовниот кадар, како и научно – истражувачките работници – изјави министерот.
Тој најави дека во следниот мандат, Владата на Република Македонија предводена од ВМРО–ДПМНЕ планира да основа таканаречена „Обсерваторија на вештини”.
– Се работи за мултифункционално и мултинаменско тело за кое ќе бидат одвоени 25 милиони денари и чијашто примарна цел ќе биде анализа на адекватноста на вештините со кои располагаат средношколците во корелација со потребите на пазарот на труд, што пак, ќе помогне во континуираното подобрување на наставните програми и нивната усогласеност со барањата на компаниите. Обсерваторијата ќе биде во функција и за полуматурантите, односно, преку софтверска апликација ќе помага во нивното правилно насочување и избор на средно образование, нудејќи информации од типот – дефицитарност на одредени струки и профили; изгледи за вработување по завршување на училиштето; просечно време на чекање работа; просечна плата по занимања, региони и сектори и слично. Исто така, со формирањето на обсерваторијата, студентите ќе добијат платформа преку која ќе можат да аплицираат за реализација на практична настава, односно практична работа, додека пак, од другата страна компаниите ќе можат да ги бираат практикантите со профил кој одговара на нивните потреби, оспособувајќи го за работа и вклучување во сопствената организациска структура и работни процеси – објасни Ристовски.
Тој додаде дека проектот за набавка на интерактивни табли и 300.000 таблет компјутери за учениците од основните и средните училишта, ќе биде надополнет со воведување на дигитални содржини во наставата по определени предмети, со кои ќе се овозможи визуелна претстава за одредена наставна материја, којашто полесно ќе се запамети и подолго ќе остане во сеќавање.
– Се работи за практика од земјите со најразвиени образовни системи, којашто докажано го дава очекуваниот позитивен ефект. Видео материјалите ќе бидат изработувани од светски познати продукции и одобрувани од Бирото за развој на образованието – рече министерот.
Ристовски најави дека родителите на учениците во основните и средните училишта и натаму ќе можат да ги користат придобивките од проектот „Информиран родител“, односно ќе имаат можност за брз и едноставен увид во информациите од дневникот во пишана форма, преку електронскиот дневник и СМС услугата со која на неделна основа добиваат пораки на мобилните телефони, што пак значи редовно следење на образовниот процес на своите деца и можност за навремена интервенција, поддршка или помош во одредени ситуации.
Исто така, ќе продолжи и спроведувањето на родителската школа, односно советувањето на родителите чии деца нередовно посетуваат настава, имаат слаб успех во учењето и манифестираат разни форми на несоодветно однесување, вклучувајќи и советување на самите ученици, со цел зајакнување на воспитната компонента на образовниот процес, преку директно вклучување на родителите. За реализацијата на овој проект, во следните 2 години дополнително ќе бидат ангажирани 224 психолози и педагози за што ќе бидат вложени повеќе од 80 милиони денари.
– Грижата кон наставниот кадар за професионален и кариерен развој ќе се обезбеди преку една нова форма на поддршка, односно преку стипендирање на магистерските студии на оние коишто ќе се запишат на еден од 200-те најреномирани светски универзитети од областа на образованието, со тоа што за време на специјализацијата, работниот однос ќе им биде во мирување, а по враќањето ќе имаат обврска да работат во образовниот систем во Македонија уште најмалку 5 години – изјави Ристовски.
Во оваа насока предвидено е и основање на Фонд за меѓународна соработка на училиштата, кој ќе располага со буџет од 15 милиони денари и кој ќе ја зголеми мобилноста на наставниот кадар заради стекнување на нови искуства, преку кратки едукативни и практични престои на наставници од нашата земја во училиштата во земјите од Европската Унија.
– Во делот на високото образование, би сакал да најавам нешто што досега не постоеше, а тоа е воведување на државна квота во втор и трет циклус на студии на универзитетите во Република Македонија, односно, на годишно ниво утврдување на квоти на студенти коишто ќе бидат ослободени од плаќање на уписнина за специјализации, докторски и магистерски студии – најави министерот.
Ќе продолжи и поддршката за научно-истражувачките работници, преку обезбедување на бесплатен пристап до најмалку 2 бази на современа научна литература и списанија со импакт фактор, а и понатаму ќе се доделуваат научни субвенции за објава на научни трудови во списанија со импакт фактор, како и творечки субвенции за промоција нивното творештво на меѓународно ниво. Исто така преку порталот nauka.mk, ќе овозможиме промоција на достигнувањата и поврзување на нивниот труд со пошироката јавност, како основа за нови научно-истражувачки проекти.
– Секој граѓанин може да се пронајде во најмалку еден од понудените проекти, кој ќе му овозможи одредена поволност, односно поддршка и помош во остварувањето на конкретна цел. Многу од овие можности во минатото воопшто не беа достапни. Убеден сум дека на 27 април разликата ќе биде препознаена и во следните 4 години заедно ќе продолжиме на вистинскиот пат кон градењето на Република Македонија како земја на знаење – повика министерот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.