Спогодба за соработка во евроинтеграциите меѓу Македонија и Србија денеска во Скопје потпишаа министерот за надворешни работи Никола Попоски и неговиот гостин српскиот шеф на дипломатијата Иван Мркиќ.
– Целта ни е двете земји да ги почнеме формално што поскоро преговорите за пристапување кон ЕУ кои би биле резултат на остварените реформи и кои би наишле на поддршка од страна на сите земји членки на ЕУ, затоа што сметам дека се работи за европска придобивка, рече Попоски.
Според него, со Србија не поврзуваат многу работи, а во делот на целите кои сакаме да ги оствариме земјите имаат интерес да соработуваат тесно и да ги искористат сите мостови кои постојат од аспект на инфраструктурно поврзување, афирмирање на заедниците и заеднички настап на трети пазари.
– Одлучни сме да продолжиме на овој пат и се надеваме дека со таков пристап ќе дадеме и добар пример за сите соседи вклучително за оние кои се дел од ЕУ и оние кои не се, порача Попоски.
Mинистерот за надворешни работи на Србија Мркиќ ги подвлече одличните односи меѓу Белград и Скопје со оглед на неодамнешните средби на претседателите и премиерите на двете земји, кои се, рече, дополнително охрабрубвање за идната соработка. Тој исто така го нагласи и значењето на регионалната соработка.
– Сите тие регионални иницијативи што ги спроведуваме нас не увежбуваат за натамошните наши цели, а тоа е членството во ЕУ. Ние всушност низ оваа иницијатива се тренираме во пракса како ќе се однесуваме кога еднаш ќе станеме членки на семејството на Европа и колку повеќе ќе се извежбаме толку ќе бидеме поефикасни кога ќе станеме дел од тоа семејство – рече Мркиќ.
Тој прецизира дека на разговорите е утврден и датумот на одржување заедничка седница на владите на двете земји.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.