
Со Нино Величковски се договоривме да се сретнеме во култната дебармаалска кафеана „Идадија“. Изборот не беше случаен. Нино пред 15 години има отпеано песна со тамбурашите на Шоиќ токму за „Идадија“. Текстот е на Јован Павловски, а музиката на Миодраг Божиновски – Миќо, со кого Нино го врзуваат прекрасни спомени. Откако ми го отпеа рефренот за „Идадија“, веднаш го почнавме разговорот, и тоа со шега, така како што му прилега.
- Јас сум Нинко, а сите ме викаат Нино. Кога некој од пријателите решаваат крстозбор и треба да го напишат моето име и презиме, ми велат дека постојано им недостига една буква, се разбира тие што ме знаат како Нино. Сакале да ме крстат Перо, по кумот, но тоа име подоцна му го дадоа на мојот помал брат. Јас сум прво па машко. Роден сум на 2 мај 1954 година во Куманово. Татко ми прославувал во Кумановска Бања и кога разбрал за првата рожба, па уште син, го честел друштвото цела недела. Татко ми, Бранко, беше познат столар во Куманово со прекар Качамак, а мајка ми Лилјана е велешанка и пеењето го имам наследено од неа. Таа била голема песнопојка во помлади години – почнува со приказната Величковски.

Семејна фотографија на Величковски (втор од десно)
На нивната домашна слава гостите ги пречекувале со песна. Татко му им велел: „Мојто Лиле пое, аирлија слава“.
Основно и средно училиште Величковски завршил во Куманово. Бил многу активен. Учествувал во драмската секција, играл фолклор, пеел во хорот итн. Во 1973 година почнал во Кумановскиот театар како актер. Во 1974 година во Куманово се формирал сценски лабораториум и беседа при народниот театар. Истата година во претставата „Мајка храброст” на Бертолд Брехт имал улога со пеење. Со оваа претстава ја добиле првата награда на драмските аматерски смотри во тогашен Титов Велес, а потоа во Требиње ја претставувале Македонија на југословенските драмски аматерски смотри и ја освоиле првата награда „Златна маска” за комплетната претстава, а награда добил и режисерот Мишо Мартинов.

Величковски во улога на Св. Климент Охридски
Кога веќе бил созреан како актер, во мај 1976 година решил да се пријави на Академијата за глума во Скопје. Кога разбрал дека е одбиен, тоа го доживеал како голем, личен пораз.
- Театарот е мојата прва и најголема љубов, па затоа тој момент тешко ме погоди и сѐ уште го носам како грутка во душава – раскажува Нино.
Но, тоа не го обесхрабрило и во септември истата година играл улога во претстава на Унковски. Во театарот продолжил да игра до 1986 година. Од актерите посебна почит има кон Раде Шербеџија, кој е и негов личен пријател, потоа кон Зоран Радмиловиќ, Мето Јовановски, Благоја Чоревски, а во една претстава играл и со Ристо Шишков, за кого, исто така, има исклучително мислење.
Претстави во кои играл Нино Величковски се „Сламена шапка”, „Пасквелија”, „Хај-фај“, „Поглед од мостот”, а во „Сомнително лице” играл заедно со бардот на македонското глумиште Петре Прличко, „Сребреното јаболко”.
Величковски во својата актерска кариера играл во 100-ина претстави. Во 1983 година се формирал октетот „Куманово“ и тоа било пресвртница во неговата кариера. Во 1986 година играл во претставата „Пурпурен остров”, во режија на Владо Цветановски, и тоа била последната претстава во која Нино одиграл актерска ролја, а во исто време братот на Владо, Љубе Цветановски му ги напишал трите најубави текстови на песни: „Кажи ми Лено душо”, „Сега е веќе доцна”, и „Свирете ми тамбури”, култна песна што не е фестивалска, а е ставена на носач на звук. Музиката за овие песни ја напишал Миодраг Божиновски. Изворната песна „Бабино девојче”, која во 1988 година ја преработил како композитор Миодраг Божиновски, и „Свирете ми тамбури” од 1989 година се песни што го исфрлија на површина.
- Во тие години паралелно настапував и со октетот, а работев и солистички и тоа воопшто не ми пречеше. Октетот има снимено околу 250 носачи на звук во МРТВ – вели Величковски.
Во 1987 година во Ваљево, Србија со октет „Македонија“ биле апсолутни победници со акапелата „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов”, композиција на Божиновски, за која Нино смета дека е врв во неговото компонирање. Нино прво почнал да пее забавни мелодии и вели дека подоцна заскитал во народната музика. На валандовскиот фестивал е редовен учесник, а учествува и на другите фестивали. Во 2003 година на валандовскиот фестивал освоил прва награда од жирито со композицијата „Уште еднаш”, по текст на Огнен Неделковски, а музика на Миле Барбаровски и аранжман на Миодраг Божиновски. И во 2005 година, исто така, ја освоил првата награда од жирито со песната „Не се трпат немири”. Во 2008 година, заедно со Мерима Његомир, во Валандово ја отпеал композицијата „Ние двајца”, по текст на Неделковски и музика на Барбаровски и ја освоил првата награда од жирито.
Величковски и на „Тумба-фест” има освоено две први награди. На 23 август оваа година организираше концерт по повод 30 години на музичката сцена. Гости му беа Виолета Томовска, групата „Боеми“, Влатко Стефановски и други колеги и пријатели. Во својата музичка кариера досега има снимено преку 100 песни со тамбураши, а и преку 150 соло-песни.

- Толку колку што ти како пејач веруваш во песната, толку ќе ти ја прифати и публиката. Секоја нова песна е како нова рожба, како нови чевли за Велигден. Јас живеам за музиката, а не од музиката. Се гордеам што луѓето ме доживуваат како боем. Тоа е филозофија на живеењето. Стил на живеење. Многу важни настани се случувале во меани, а јас таму сум здобил многу пријателства. Јас сум космополит, филантроп, со широк поглед кон светот. За мене голема загуба и разочарување беше кога во краток период ги загубив татко ми и моите соработници и драги пријатели Љубе Цветановски и Миќо Божиновски, кои беа исклучителни личности и врвни професионалци. Сакам да чекорам чесно низ животот и за мене било важно да си ги изведам децата на прав пат – вели Величковски.
Тој е татко на две ќерки – Магда и Анита, од која има внука по име Бела, за која вели дека е негова инспирација. Често е и покрај својата стара мајка, која постојано ја следела неговата кариера, а сега тој сака да ѝ се оддолжи со љубов и внимание.
Моментно Великовски работи како директор на Фондацијата за култура и за спорт во Куманово. Во последниов период е посветен на возобновување на сценскиот лабораториум „Беседа” со цел да им се даде шанса на младите што сакаат да бидат актери. За свој најголем успех во овие години го смета формирањето на градскиот детски хор, кој е под Фондацијата за култура на Министерството за култура и на локалната самоуправа, а каде што членуваат 65 дечиња. Формирале и градска младинска пејачка група за средношколци и младинска вокална група, како и младински инструментални состави што ќе соработуваат меѓу себе.
- Не сакам да умре театарот во Куманово. Сакаме да му помогнеме. Ќе направиме комедија, мјузикл, лесна претстава, гледлива – го завршува разговорот Величковски.
(Пишува: Тони Стојкоски | Фото: Игор Ангеловски и приватна архива
Текст објавен во 83. број на неделникот „Република“, 4.04.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


