| четврток, 6 декември 2018 |

Јонче Христовски – Бардот на македонската народна песна

„Македонско девојче, китка шарена“ е песна која што ќе живее се додека сме живи и ние Македонците. Оваа хит песна доживеала препеани верзии на најмонгу светски јазици

Jonce-Hristovski-3

Јонче Христовски како интерпретатор беше препознатлив по уникатниот комуникативен стил со публиката. Тој со посебен жар и енергија ги интерпретираше своите песни. Со посебни емоции се внесуваше во нив. Беше претпознатлив по фрлањето на палтото во публиката, а преку бакнувањето на земјата ги искажуваше своите силни чувства кон својата татковина. Својот патриотизам го искажал и во една негова легендарна реченица: „Македонијо во срцето те носиме, од таму никој и никогаш нема да те искорени“.

Јонче е легенда на македонската народна музика, не само како пејач, туку како композитор и текстописец. Роден е во Битола 1931 година. Бил член на ,,Танец’’ и кореограф на повеќе ора од кој што најпознато е „Калајџиско“. Во тој период почнал да пишува и да компонира повеќе хумористични песни кои ги отпеале во дует заедно со Трпе Череповски кој бил исто така член на Танец. На интерпретаторката на народни песни Виолета Томовска и се мошне свежи сеќавањата на првата средба со Јонче Христовски:

„Бев дете на околу 6 годишна возраст кога Јонче заедно со тетка ми, Блага Видец влегоа во нашата куќа во Битола. Се сеќавам дека зборуваа за првото гостување на Танец во нашиот град. И мене ме однесоа на тој концерт и се сеќавам дека публиката беше одушевена и играорците ги поздравуваше со долготрајни аплаузи“.

Jonce-Hristovski-1Подоцна Јонче за Томовска напишал и компонирал многу песни кои таа со задоволство ги пеела и многу и помогнале во нејзината музичка кариера. Катастрофалниот земјотерес во Скопје во целост ќе го промени неговиот живот. Неговата сопруга ќе остане под рушевините и од тогаш Јонче сам ќе се грижи за своите две прекрасни девојчиња Олгица и Невена. Мораше да биде и татко и мајка. Но, успешно ги изгледал, ги школувал и сега тие имаат сопствени семејства. Олгица веќе подолго време живее во Канада, а Невена со своето семејство во Скопје. На силната љубов кон својата сопруга, Јонче и посветил и напишал една од своите најпознати песни „Животе мој“.

„Силна љубов имавме, живот песна сакавме, Но за наша несреќа останав јас без неа“…

Нашата интерпретаторка на народни песни, Атина Апостолова со посебни емоции раскажува за дружењето со Јонче.

„Бевме многу блиски. Ми беше интимен пријател. Многу често бевме заедно. Тој живееше со моите, а јас со неговите проблеми. Беше голем другар. Имавме и многу заеднички патувања.Насекаде ја веселеше публиката, а кога ќе го фрлеше палтото кон нив предизвикуваше овации. Беше ‘голем’ човек, боем, мераклија и професионалец, така го доживував јас, а и сите кои што добро го познаваа“, вели Атинa.

Jonce-Hristovski-4

Oсобено се прославил со песната „Македонско девојче“ која ја отпеал во 1964 година, а денес е спортска химна на нашата женска ракометна репрезентација. Песните „Едно име имаме“, „Ој, Вардаре македонски“, „Ако умрам ’ил загинам“ се препознатливи по неговата карактеристична изведба и се трајно врежани во македонскиот музички код каде вечно ќе останат како вистински ремек дела. Јонче за секоја песна имаше и посебна изведба. Имаше неповторлив уникатен стил во пеењето, играњето и шармирањето на публиката. Огромна е почитта од Македонците по сите континенти, но и од сите кои имале можност да ја слушнат неговата песна, да ја видат неговата енергија со која ги интерпретираше македонските песни. Огромна е почитта за неговото музичко дело како силен афирматор на македонската музичка и национална посебност и уникатност. Тој беше рамо до рамо со неколкуте великани и вистински бардови на македонската народна песна како што беа Сариевски, Никола Бадев, Кирил Манчевски и други. Беше посебен – бесмртен како и неговите песни. Човек со посебни вредности за Македонија.

Во 1974 година како одговорен уредник за народна музика во националната телевизија – ТВ Скопје ја иницирал и реализирал серијата „Рапеани градови“, која се памети како еден од најзначајните и најуспешни проекти на ТВ Скопје. На мнозина помлади пејачи им помогнал да се афирмираат на македонската музичка сцена. Некои од нив на разни свечености ги пеат неговите хит песни. Покрај женската ракометна репрезентација и машката ракометна репрезентација за своја химна ја има песната на Јонче, „Едно име имаме“. А фудбалскиот клуб Вардар од поодамна за своја химна ја има избрано „Ој, Вардар македонски“.

И до последните дни од својот живот создаваше музика повеќе за другите одколку за себе. Почина во 2000 година на 69 –годишна возраст. Ќе остане запаметен како пејач со најголема динамика на сцената и со нај изразени геЊстикулации и емоции при интерпретирањето на песните. Со својата ,, длабочина ’’ во гласот успеваше да допре до длабочината на сечија македонска душа и кај македонецот да го разбуди патриотизмот да ја сака оваа земја како што тој ја сакаше.

Jonce-Hristovski-2Најпознатите песни на Јонче Христовски

– И ние сме деца на Македонија
– Мој роден крај
– Запеј песна Македонко
– Ај засвирете ми чалгии
– Ако умрам ’ил загинам
– Куќа имам на Пелистер
– Едно име имаме
– Македонско девојче, китка шарена
– Ој, Вардар македонски

Текст објавен во 6. број на неделникот Република (12 октомври 2012)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top