Во тек се петтите претседателски избори во Република Македонија. На 3.480 гласачки места во земјава денеска можат да гласаат 1.779,572 избирачи. Тие можат да гласаат за четворица кандидати за претседател. Вчера, за првпат за нов претседател на Македонија гласаа и македонските државјани кои живеат или престојуваат странство. За гласање во дијаспората се пријавија 8.332 лица. Вчера својот глас го дадоа и болните и изнемоштените, лицата во притвор, затворениците и внатрешно раселените лица.
Гласањето почна во 7 часот и ќе трае до 19 часот. Откако ќе се затворат гласачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.
Избирачкото ливче е на македонски јазик, а во општините каде што има над 20 проценти припадници на етничките заедници на македонски јазик и на јазиците на етничките заедници.
Годинава, првпат избирачите ќе бидат обележувани со видливо мастило во вид на маркер на десниот палец, односно во делот од средината на палецот по ивицата на подноктицата и ноктот од палецот. Отпечатокот треба да има трајност од најмалку 24 часа по нанесувањето. Нема да може да се избрише со алкохол, ацетон, хидроген или други средства за бришење.
Според инструкциите од ДИК, кога гласачот ќе дојде во избирачкото место да гласа, членовите на избирачкиот одбор најнапред треба да проверат дали тој има белег од видливо мастило за обележување на гласачи на десниот палец. Потоа следува проверка на документите за лична идентификација на гласачот и дали тој е запишан во единствениот Избирачки список, по што му се издава гласачкото ливче и се обележува со видливото мастило на десниот палец. На избирачот кој нема да дозволи да биде обележан со видливо мастило нема да може да го оствари правото на глас.
Гласањето е тајно и лично и се врши зад параваните за гласање и тоа исклучиво со хемиско пенкало во сина боја. Се гласа со заокружување на редниот број пред името на кандидатот за претседател. За важечко гласачко ливче се смета она од кое на сигурен и недвосмислен начин може да се утврди за кој кандидати избирачот гласал.
Семејното и групното гласање и гласањето во име на друг во Република Македонија се забранети.
Записниците и другиот изборен материјал избирачките одбори го доставуваат до ОИК во рок од пет часа по завршувањето на гласањето. Надлежната ОИК потоа ги сумира резултатите од гласањето, составува записник и заедно со целокупниот изборен материјал го доставува до ДИК веднаш, а најдоцна 12 часа по завршувањето на гласањето.
ДИК првичните резултати од гласањето за претседател на Република Македонија добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.
ДИК конечните резултати од изборите ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.
Секој подносител на листа на кандидати во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултати од гласање може да поднесе приговор до ДИК во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето односно објавување на првичните резултати. ДИК е должна да реши по приговорот во рок од 48 часа по приемот.
Против одлуката на ДИК, може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 48 часа од приемот на решението. Управиот суд на Република Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.