| четврток, 6 декември 2018 |

Прослава на Лазарева сабота во Охрид: Лазарките со песна посакаа здравје, среќа, свадби и дечиња

Вистинска атракција и празник за очите денес по прекрасното сончево време во Охрид беа лазарките, кои со песна ги благословија охриѓани и гостите, објави „Охрид прес“. Лазарева сабота во Охрид и оваа година се празнува на посебен начин. Во текот на денот, лазарките посетија многу домови, но и угостителски објекти во охридската чаршија и го најавија празнувањето на овој ден.

Девојчиња облечени во посебни носии пееја песни за Лазар и даваа благослови за здравје, среќа, свадби и дечиња. За возврат домаќинките им ставаат јајца во кошничките украсени за овај ден. На овој ден се споменува чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар, во она време извршено од Богочовекот Исус Христос.

lazarki1

Како што сведочи Светото Евангелие, овој настан бил многу непосредно (или шест дена) пред предавството и убиството на Исус Христос на Голгота. Толкувачите гледаат во него предобраз и своевидна духовна подготовка на тогашните сведоци за претстојното Христово воскресение.

Во секој случај, своевремено Лазаровото воскресение беше доживеано како најсилен доказ за Божественоста на Господ Христос пред тогашните Јудејци и постана камен на сопнување за мнозина.

Но оттогаш мнозина и поверуваа во Него како во Спасител. Некои богослови особено ја растолкуваа човечката и Божествената природа Христова кај Лазаровото воскресение, велејќи дека Господ плачеше пред гробот на Лазар заради Својата човечка љубов кон него како мил пријател, а го воскресна со Својата Божествена сила како Бог.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top