Изминативе денови во секое населено место од Република Македонија кое го посетив, во секој поголем или помал град и во секое село во Република Македонија, со особена гордост пред граѓаните имав можност да ја презентирам нашата нова Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ 2014 – 2018, истакна носителот на ВМРО-ДПМНЕ во третата изборна единица, Никола Тодоров.
Тој нагласи дека програмата на владејачката партија содржи вкупно 2046 проекти, од кои 79 се од областа на здравството. Со неа, додава Тофоров, се предвидува општ напредок на нашата земја во сите сфери и ресори, особено со отворањето на предвидените 64 илјади нови работни места и со намалување на стапката на невработеност на ниво од околу 22%.
-Оваа програма е нашата визија за претстојниот период, преточена во зборови, а во наредните четири години овие зборови ќе ги преточиме во дела.Во оваа прилика, би сакал да споменам неколку од проектите од областа на здравството кои се содржани во делот од програмата со наслов „Здравје во секој дом, здравје за секој граѓанин“. Со реализирањето на предвидените проекти, ние навистина ќе ги опфатиме сите категории на граѓани, со цел унапредување на здравствената заштита на ниво на целата држава.Меѓу вкупно 79 проекти од областа на здравството, го предвидовме и проектот Развој на центри за палијативна грижа. Центри за палијативна грижа во моментов постојат во Скопје и во Битола, но состојбата во практиката укажува на потребата од отворање на ваков тип на центри и во другите градови во Република Македонија, имајќи го в предвид фактот на стареење на населението и се поголема потреба од ваков вид на центри во државата. Предвидуваме отворање на ваков вид на центри во поголемите градови во Република Македонија како што се: Штип, Тетово, Гостивар, Куманово, Прилеп, Струмица и Охрид – додаде Тодоров.
Тој нагласи дека ќе биде спроведена дополнителна едукација на лекарите, сестри, болничарите, со цел пружање на здравствена палијативна грижа на пациентите кои што ќе бидат сместени во овие болнички капацитети.
-Со реализирањето на овој проект ќе овозможиме неискористените болнички капацитети да бидат искористени за намена за која сега граѓаните имаат потреба а немаат каде да бидат згрижени. Ваквите центри се неопходни, пред се, поради тоа што семејствата на лицата на кои им е потребна нега од ваков тип, често се немоќни истата да им ја пружаат во домашни услови. На овој начин, лицата ќе ја добиваат потребната нега во соодветни медицински услови, и што е најважно, нивниот транспорт до Скопје или Битола нема да биде потребен, поради тоа што негата ќе ја добиваат блиску до сопственото место на живеење. Вкупниот буџет предвиден за реализирање на овој проект изнесува 4 милиони денари, иницијален буџет само за реконструкција и приспособување на овие простори. Предвидуваме да се реализира овој проект во периодот од 2017 – 2018 година – изјави Тодоров.
Тој додаде:
– Ние и понатаму ќе вложуваме во обезбедување на максимално достапни здравствени услуги за сите граѓани на Република Македонија. Во тој контекст сакам да промовирам еден проект што го имаме во програмата во делот за здравство, проектот го нарекуваме – АЛО ДОКТОРЕ.
Во претстојниот период до 2015 година, во рамки на предвидениот буџет ќе воведеме телефонска линија за медицински совети – АЛО ДОКТОРЕ. Овој проект го предвидовме како повикувачки центар кој ќе пружа советодавни услуги и упатства за сите граѓани на Македонија, за кои не е неопходен итен медицински третман, односно во случаи на настинки, покачена телесна температура, главоболки, и слично.
Ваков тип на проекти се спроведуваат во неколку развиени здравствени системи и ефектот од овој тип на проект е многу позитивен за здравствениот систем затоа што ги намалува бројот на посети во болниците од страна на пациенти кои што можат да бидат третирани и преку совет даден од искусен лекар.
Идејата е да се вработат најмалку 10 доктори и 10 медицински сестри кои што ќе работат 24 часа дневно, седум дена во неделата и ќе даваат здравствени совети и преку телефон на оние пациенти на кои што тоа им е потребно.
Предноста е што сервисот ќе биде достапен 24 часа.
Со овој проект овозможуваме пациентите во првиот момент на појава на здравствена потешкотија, веднаш да добијат стручен медицински совет, а без притоа да треба да посетат некоја здравствена установа.
Според Тодоров покрај овој проект, од кој директен бенефит имаат самите пациенти, се предвидува и проект со кој ќе бидат опфатени здравствените работници вработени во јавните здравствени установи со средно стручно образование, а кои во меѓувреме имаат завршено високо стручно образование во времетраење од 3 години.
– Од направената анализа произлезе дека за вкупно 578 вработени здравствени работници со средно стручно образование, и тоа: медицински сестри, физиотерапевтски техничари, рентген-техничари, лабораториски техничари и други, ќе се систематизираат работни места во согласност со дејноста на јавната здравствена установа. Ова значи пластично признавање на завршеното образование за овие категории на здравствени работници кои што биле вработени со средно стручно образование а во меѓувреме завршиле високо три годишно образование, систематизирање на работни места со високо образование и на тој начин практично и покачување на платата односно добивање на плата согласно нивното моментално стекнато образование.Предвидениот буџет за реализација на овој проект изнесува 51.203.167, и истиот ќе го реализираме до месец јули 2016 година. На овој начин, ќе излеземе во пресрет на соодветно вреднување на образованието и знаењето кое го стекнале здравствените работници – рече досегашниот министер за здравство.
Тој вели дека со секој наведен проект од областа на здравството во оваа Програма, со секој прецизиран буџет или рок на реализација на проектот, се обврзуваат дека во оптимално време и со оптимални средства и ресурси ќе овозможат здравствена заштита каква што заслужуваат нашите граѓани.
-Само со ваквиот пристап кон граѓаните, ќе можеме потоа гордо и достоинствено да дадеме и отчет за сработеното, знаејќи дека сме им ги овозможиле сите можни придобивки од реализираните проекти – изјави Тодоров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.