| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува „Скопје травел маркет 2014“

travel market

Тур-оператори, хотели и туристички агенции од земјава и регионот ќе учествуваат на 4. Меѓународен саем за туризам – „Скопје травел маркет 2014“ што
од денеска до 12 овој месец ќе се одржи во Скопје.
– На манифестацијата ќе се претстават 60 директни учесници од Македонија, Србија, Турција, Бугарија, Албанија, Словенија, туристички агенции, хотели, тур-оператори, општини и градови од земјава и регинот, здруженија, културно-уметнички друштва и комори – информира Mагдалена Хамбова, оперативен директор на „Скопје травел маркет“.
Покровител на саемот е Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, која заедно со  Националниот ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“ ќе го промовира проектот „Најголемо оро во светот“, со што ќе се направи обид да влезе во Гинисовата книга на рекорди.
Првпат на овој саем ќе биде промовиран туризмот на екстремни спортови, тоа се параглајдинг, планинарење, велосипедизам, нуркање, мон бајк и јавање коњи, а ќе се направат промоции на туристички дестинации од Македонија, регионот и пошироко.
Ќе бидат претставени дел од проектите, што ги работи Агенцијата, за зајакнување на домашните капацитети. Ќе биде дадена можност да се презентираат и малите туристички субјекти, како што е Музејот на виното во Демир Капија, еден од ретките на Балканот со толку експонати, најмалиот музеј во светот од Џепчиште, Сончева куќа од Кратово…

На саемската манифестација ќе има многу туристички понуди за Македонија, кои се нудат за странските и за домашните гости.
Денеска ќе бидат доделени дипломите на првата група студенти на ИАТА, Авторизиран тренинг-центар на туристичката агенција „Савана“, кој едуцира кадри од областа на туризмот по меѓународна програма на Институтот за обука и развој од Монтреал, Канада.
Саемот за туризам – „Скопје травел маркет 2014“ е предвидено да го отвори директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Кристијан Џамбазовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top