Практична настава, обука во сопствените капацитети за учениците од средното стручно училиште „Илинден“, со отворена можност за стипендирање на талентирани ученици и вработување по завршеното образование опфаќа Меморандумот за соработка помеѓу општината Илинден и компанијата ОКТА што денеска официјално беше потпишан од градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски и главниот извршен директор на ОКТА, Виктор Папаконстантиноу.
-Успешната соработка со бизнис секторот е дел од стратегијата на Општина Илинден за намалување на невработеноста, што е еден од приоритетите поради кој и се воведе средно образование кое што профилира кадри според потребите на локалната бизнис заедница. Ми причинува голема чест што денес ја продолжуваме успешната соработка со компанијата ОКТА и со потпишувањето на Меморандумот за соработка ги подигаме нормите, вредностите и стандардите во образованието, го подобруваме квалитетот и ефикасноста на стручното образование во средното стручно училиште „Илинден“. Вакви меморандуми Општината веќе потпиша со компаниите МЕПСО, Џонсон Контролс, Ван Хол и Џонсон Мети. Со обезбедувањето на практична настава во најголемите компании во Општина Илинден учениците по завршувањето на четврта година од училиштето ќе излегуваат со многу знаења и практика, подготвени веднаш да се вклучат во процесот на производство – истакна градоначалникот Жика Стојановски.
– Со големо задоволство денес сум тука да го потпишам Меморандумот со Општина Илинден за дополнително образование на младите. Практичната примена на теоретското знаење од огромно значење. ОКТА е дел од мултинационална група на компании со високо ниво на експертиза во енергетскиот сектор. Едукативниот дел ќе опфаќа различни сегменти од работата на компанијата и средношколците ќе бидат присутни во средина каде работите се движат со огромна брзина, со што ќе имаат можност да научат многу. Сигурен сум дека некои од нив во ОКТА ќе препознаат компанија каде би сакале да работат – изјави Главниот извршен директор на ОКТА, Виктор Папаконстантину.
Паралелно со потпишувањето на меморандумот настанот беше искористен Општина Илинден да се вклучи во општествено одговорната кампања на ОКТА „Шанса за живот“, за опремување со инкубатори и друга неопходна апаратура што е потребна за нормално функционирање на одделението за интензивна нега на Клиниката за детски болести. Во рамките на кампањата која што почна минатиот месец и ќе трае до крајот на ноември годинава, ОКТА донира финансиски средства и дополнително издвојува сума од секоја продажба на гориво на нејзините бензински пумпи.
Структурата на кампањата е создадена да влијае и да ги вклучи сите граѓани низ цела држава и да ја подигне нивната свест за моќта да се предизвика промена.
Меѓудругото, учеството на граѓаните е и преку носење на алки со слоганот на кампањата и со поддршка на целта преку носење на истите коишто ги претставуваат идентификациските алки на бебињата и мајките во болница.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.