| четврток, 6 декември 2018 |

Балканот обединет во желбата да има македонски претставник во Келн

Балканот е обединет во желбата да има македонски претставник на фајналфор турнирот од Лигата на шампионите во Келн, а секако сонот е и Вардар и Металург да направат подвиг против Фленсбург, односно Кил и да патуваат на завршницата во Германија.

Два германски гиганти на патот кон историјата што би се испишувала повторно во Германија. И убаво е да се слушне комплимент од ракометар на уште една германска екипа, од Никола Манојловиќ од Рајн-Некар Левен. Неговиот тим ќе игра против моќната Барселона во четврт-финалниот двомеч, а српскиот интернационалец вели дека посакува да има македонски тим на Ф4 во Келн.

– Пласманот на фајналфор би бил вистински ракометен бум и за Македонија и за просторите на поранешна Југославија. Како играат зрело и Вардар и Металург, имаат солидни шанси да спатуваат за Келн. Кога би се случило чудо и двата тима би се пласирале во завршницата, знам дека би била вистинска лудница и еуфорија во Македонија. Тие се број 1 во ракометната игра на овие простори, а успех и настап на Ф4 би бил и награда за вложувањата во овој спорт – вели Манојловиќ за „Балкан хендбол“.

miki

Сепак, Вардар и Металург ќе имаат тешка четврт-финална мисија против Фленсбург и Кил. Фленсбург има дури 8 четврт-финалиња во ЛШ, двапати губеше во мечот за титулата, а има и 3 европски трофеи од останатите купови. Противникот на Металург, Кил, е вистинска ракометна институција со 3 круни од Лигата на шампионите. Само еднаш, во 2012 година, не играа во Келн на завршниот турнир за титулата во ЛШ откако во 2010 година се воведе фајналфор турнирот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top