
Десетина дизјанери, учесници на деветтото издание на Модната недела во Скопје, кое штотуку заврши, првпат изложуваа на продажба модели од нивните колекции по завршување на ревиите и тие, како и организаторот, се задоволни од постигната цел. Во концептуалното кафуле „Концепт 37“ своите најнови колекции ги изложија и студентите од Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет. Тоа беше одлична можност, посебно за оние дизајнери што немаат свои продажни салони, да ги доближат своите производи до купувачите.
– Бидејќи „Концепт 37“ редовно организира различни настани и голем број изложби, а ваков тип продажба кај нас не бил организиран, на некои од гостите прво не им беше јасно дали изложените модели се на продажба или се ставени како експонати. Некои од нив дури срамежливо ги гледаа моделите без и да прашаат за цена – вели Марија Илиќ, одговорна за односи со јавност на Модниот недела.
Илиќ смета дека како што секоја метропола има концептуални продавници каде што купувачите не доаѓаат само за да разгледаат туку и да купат, и на Скопје му е потребно едно такво место.
– Во странство секојдневно купувачите одат во таков тип продавници и во една релаксирана атмосфера одбираат што ќе купат. Некои од дизајнерите немаат свои продажни салони и концептуалната продавница би им ги доближила моделите на купувачите особено непосредно по завршувањето на Модната недела. Денес се живее брзо и секој сака лесна достапност до производот што го бара – објаснува Илиќ.
Модниот викенд Скопје првпат организира ваков вид продажба експеримантално за да го испита пулсот, и кај дизајнерите, но и кај купувачите.
– Како и за се ново, потребно е да им дадеме малку време на домашните купувачи, да прерасне во традиција за да можеме вистински да зборуваме за резулатите. Сѐ уште владее предрасудата дека домашните дизајнери се со високи цени и недостижни за нашите граѓани. Сакаме на македонските љубители на модата да им покажеме дека дизајнерските парчиња, освен што се уникатни, секој може да си одбере едно такво парче по адекватни цени за сопствениот буџет – завршува Илиќ.
фото: Ани и Дими
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


