Сакаме во Европска Унија, но не по секоја цена. Името мора да си го сочуваме. Идентитетот мора да си го сочуваме. Не влегуваме во никакви компромиси. Но тоа не значи дека не сакаме во Европската Унија, изјави вечерва на митинг во Кавадарци, претседателскиот кандидат на Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ), Зоран Поповски.
Поповски рече дека за време на изборната кампања се сретнал со многу граѓани од регионот.
– Јас ќе бидам вашиот мегафон, адвокат пред органите на власта. Сакам да знаете дека во кабинетот половина од луѓето ќе бидат ангажирани исклучиво за работа со граѓаните и со нивните проблеми -низјави Поповски.
Посочи дека доколку стане претседател нема да потпишува закони за извршување на буџет со којшто ќе бидат предвидени средства само за главниот град и за метрополата.
– Мора придобивките на буџетот да ги уживаат сите граѓани на Република Македонија – рече Поповски во Кавадарци.
Лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски на митингот на оваа партија и коалицијата во Кавадарци го соопшти ставот околу името на оваа партија.
– Замислете да се судите со комшија и да добиете пресуда на Врховен суд. И потоа некој да ви каже одете договорете се за проблемот. Ние имаме пресуда на Меѓународниот суд во Хаг. Тој суд го има формирано меѓународната заедница и таа е должна да ги почитува одлуките на судот. Што бараме ние со преговори. Имаме пресуда и треба да ги прекинеме преговорите, а меѓународната заедница да си бара чаре – рече Јакимовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.