| четврток, 6 декември 2018 |

Ставрески: Благодарение на отпис на долгови, од извршители ќе куртулат десетици илјади граѓани

stavreski-str-500
Отписот на долгови ќе им помогне на десетици илјади најсиромашни граѓани во Република Македонија, коишто заради последиците од кризата, останеле без работа или едноставно се во рамки на групата на социјалните категории, истакна Зоран Ставрески, носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ во ИЕ 4.

-Ќе бидат опфатени сите социјални случаи, примателите на социјална помош, семејствата каде што има по двајца невработени или, пак, ако е еден невработен и живее сам и нема дополнителни приходи поголеми од минималната плата во Република Македонија. И трето, ако во семејството се случила смрт или тешка болест којашто ги оневозможила луѓето понатаму да ги плаќаат обврските – рече Ставрески во Струмица.

Тој нагласи дека обврските се однесуваат на сметки за електрична енергија коишто се постари од 12 месеци, сметки за парно, за радиодифузна такса и исто така ќе бидат опфатени долговите на граѓаните кон банките по основ на минусни салда на тековни сметки, кредитни картички и потрошувачки кредити.

-Граѓаните токму од ова имаат тежина, од бројни блокади и извршни решенија и ние во контакти со нив, на идеја на граѓаните, практично на барање на граѓаните, ја ставивме оваа мерка во програмата и таа ќе биде од голема корист за најсиромашните категории и оние кои навистина не можат да ги плаќаат обврските – изјави Ставрески.

Државата ќе помогне на тој начин што ќе ги ослободи ЕВН, банките и останатите економски субјекти од плаќање на данок во една или повеќе години, зависно од вкупниот износ, а за сметка на тоа тие ќе им ги отпишат долговите на граѓаните.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top