| четврток, 6 декември 2018 |

Саемот на книгата почнува на 8 април

Saem na kniga vo Skopje

Повеќе од 70 издавачи ќе учествуваат на 26. Меѓународен саем на книгата, кој од 8 до 14 април ќе се одржува во „Метрополис арена“ на Скопски саем, на вкупна површина од 3.000 квадратни метри. Мотото годинава е „Саемот на книгата – саем за љубовта кон пишаниот збор“.

На штандовите по саемски цени ќе се продаваат книги од најновата издавачка продукција во Македонија и преводни изданија, различни жанрови – белетристика, научна литература, енциколпедии и речници, книги за деца…

Организаторите – Скопски саем и Здружението на издавачи и книжари на Македонија (ЗИКМ) – најавија учество и на странски издавачи – Бугарија, Албанија, Србија (претставувана од Народната библиотека), Италија и Шведска (преку нивните амбасади во Скопје) и Унгарија (Институтот Балаши од Будимпешта и Лекторатот по унгарски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“).

Во седумте дена на саемската манифестација ќе има секојдневни промоции и читања во Промотивниот центар на галеријата во арената „Метрополис“.

На 12 април ЗИКМ ќе ги додели и традиционалните награди – за најдобро издание меѓу двата саема, најпродавана книга на саемот и наградата за најдобар книжар на годината во Македонија.

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ ќе организира промоции на наградени македонски автори – добитници на домашни и на меѓународни награди и признанија, а некои издавачки куќи на саемот ќе ги доделат наградите од своите конкурси.

Организаторите очекуваат голема посетеност со оглед и на симболичната цена на влезницата – 30 денари и 20 денари за групни посети. Со околу 40.000 посетители, Саемот на книгата е втора по атрактивност саемска манифестација, зад Саемот на мебел – кој е најпосетен.

Саемот на книга ќе работи од 10 до 20 часот. Свечено ќе биде отворен в понеделник во 19 часот од министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top