СДСМ излезе со неочекуван потег на овие избори. За повеќето, па дури и за дел од членството и од симпатизерите на опозициската партија, ова е неразбирлив и крајно луд потег. Дали раководството на партијата бега од одговорност или, пак, навистина, СДСМ тргнал од тоа дека е партија што не се води од личните лакоми апетити, е тема на која може долго да се дебатира. Во секој случај, избегнат е директен дуел на претстојните предвремени избори со премиерот Никола Груевски и со другите носители на листите на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека самиот факт што СДСМ мора да објаснува каква порака сакал да испрати е доказ дека е свесен дека ниту некој им ја разбрал пораката, ниту откако ќе ја објаснат, некој ќе ја земе со сериозност. За ВМРО-ДПМНЕ ова е кукавичко бегство од соочување со народот. Членството на СДСМ вели дека никој не сакал да се најде на тие листи, свесен за дебаклот што ќе го доживее партијата на овие избори поради внатрешниот хаос што владее.
– Никој не сака да троши време, пари и нерви кога знае дека изборите нема да поминат така како што посакуваме. Никој не сака да се најде на тие листи. Ги молеа луѓето – вели еден член на СДСМ, кој не го крие своето незадоволство што за осум години СДСМ не успеа да застане на цврсти нозе.
Но кои се „афирмираните луѓе“ од „новиот концепт“ на СДСМ? Понудените имиња на листите на СДСМ се далеку од тоа што го претставува партијата затоа што јасно се гледа дека опозицијата сѐ уште не излегла надвор од партиските и од бизнис-структурите за да понуди нови луѓе и да привлече нови гласови. И овој пат од Бихаќка нудат стари и компромитирани кадри, а зад дел од нив се провлекуваат сериозни афери.
Од човек на Бранко до фалсификатори на потписи
Скопската единица ќе ја предводи Рената Десковска-Треневска, долгогодишна советничка и соработничка на Бранко Црвенковски. Тој ја постави за потпретседателка на партијата, кога доживеа пораз во 2011 година и во 2013 година. Универзитетската професорка е позната во СДСМ по френетичното поддржување на сета политика со која Црвенковски правеше деструкција на правната држава.

Софија Куновска е втора на оваа листа. Важи за блиска до банкарското лоби во СДСМ. Беше централен лик во афера што ја открија медиумите откако нејзиното име се поврзуваше со повеќе договори и исплати што ги правеше со МТВ. Таа беше носител на советничката листа на СДСМ на локалните избори кога Јани Макрадули доживеа сериозен пораз од Коце Трајановски со речиси 40.000 гласови разлика.

Стефан Богев, третиот во скопската единица, претседател на СДММ, е еклатантен пример на дете од црвената буржоазија на СДСМ и живее во луксузна куќа во Карпош.
Дуфе Куковски, кадар на ЛДП, кој директоруваше од 2003 година до 2005 година, заработи кривична пријава од МВР поради злоупотреба на службената положба (потпомогнат од неколку соработници) со проневера на 13.000 евра. И тој е поразен на претходните парламентарни избори кога ЛДП настапи самостојно.
Солза Грчева е партиска инсталација на СДСМ во образовниот систем. Се претставуваше како независна професорка, која ја критикуваше власта, потоа се појави на пресови на ЛДП, за на крај да премине во СДСМ.
Лидија Димова, производ на СОРОС, класична инсталација на СДСМ во невладиниот сектор, која претходно ја раководеше НВО „Македонски центар за европско образование“, истурена организација на СОРОС. Таа како претседателка на организацијата ќе остане запаметена како „независен“ критичар на власта, која повеќе пати даваше изјави дека е независна и нема поврзаност со СДСМ и, исто така, како претседателка на МЦЕО побара од Брисел укинување на парите што Европската унија ги дава за поддршка на Република Македонија.

Кире Наумов, човекот што плукаше на политиката на Бранко Црвенковски и се бореше за неговата позиција. Претходно беше човек на Бранко, односно беше директор на Агенцијата за разузнавање поставен од него. Загуби катастрофално од Заев, а потоа беше дел од фингираните протести на божемните стечајци организирани од СДСМ.

Нано Ружин, човекот што дваесетина години е во политика, стар кадар од транзицијата на СДСМ, кој потоа премина во ЛДП и потоа доживеа пораз како кандидат за претседател. Не успеа ниту да влезе во вториот круг.
Анета Симеска, претседателката на ОО на СДСМ во Брод. Таа доживеа пораз на претходните локални избори на кои беше кандидатка за градоначалник на СДСМ во таа општина. Против неа има тужба за злоупотреба на службената должност, поточно во време кога била претседавач на советот на Општина Македонски Брод фалсификувала потписи за набавка на гориво со државни, општински пари.
Шилегов и продолжената рака на Циц
Петар Шилегов ќе ја предводи „двојка“. Важи за адвокат на богаташите на СДСМ и близок до Црвенковски. Неговото име деновиве се поврзува со афери за организирано местење тендери од кои се офајдиле голем број фирми блиски до СДСМ и раководството, а последниот случај беше што со негов потпис фирмата во која сопственички удел има сопругата на Црвенковски добила тендер иако тоа било спротивно на законот. Дополнително, Шилегов беше адвокат што се појави како бранител на значајни корупциски афери во кои беа вплеткани кадри на СДСМ, како што беше аферата „Бачило 2“.
Љубиша Николиќ се најде на втората позиција. Тој е послушник и продолжена рака на Циц.
Следува Љубица Буралиева, новинарка од МРТВ.
На листата е и Сенад Смаиловиќ, советникот на СДСМ во Општина Бутел, кој е организациски секретар на СДММ. Стана познат по насилното уривање на тарабите во Центар и по нападот врз полицијата.
Трипати поразениот предводник
Марјанчо Николов, кој сега ќе ја води листата на СДСМ во третата изборна единица, веќе трипати е пратеник од Велес, но сите три изборни циклуси (2006, 2008 и 2011 година) во својот град ги завршуваше со огромен пораз од ВМРО-ДПМНЕ.
Ален Георгиев, доктор од Штип, е близок до СДСМ. Дел е од партиските инсталации и од докторското лоби во здравството, а е вработeн во болницата во Штип. Иста е ситуацијата и со Јагода Шахпаска, следна на листата на СДСМ.

Мира Стојчевска, претседателката на ОО на СДСМ од Делчево, претходно беше кандидатка за советничка кога СДСМ доживеа пораз на претходните избори во Делчево.
Доживеа дебакл, сега предводник на нов дебакл
Хари Локвенец, предводникот во четвртата изборна единица, важи за еден од најбогатите прилепчани, кој своето богатство во најголема мера го здоби за време на транзицијата на СДСМ и на Црвенковски. Од прилично анонимен сопственик на мал и скромен бизнис, неговото семејство прерасна во едно од најбогатите. Дополнително што Хари Локвенец веќе еднаш доживеа директен пораз на локалните избори како кандидат за градоначалник на СДСМ за Прилеп, што значи дека не ја ужива поддршката во својот роден град и загуби со 8.000 гласови разлика, а сега е во позиција да ја бара довербата на цела изборна единица.
Панче Орцев е актуелен пратеник поврзан со кланот Заеви, претходно како директор на Комуналец доделувал јавни набавки на фирми од фамилијата на Заев, а Зоран Заев од Општина Струмица доделувал набавки на фирми од фамилијата на Панче Орцев.
Бетијан Китев на последните избори како кандидат за градоначалник на Кавадарци доживеа катастрофален голем пораз.
Милевка Горгиевска, како в.д. директорка на ОУ „Коста Рацин” беше обвинувана за партизирање на училиштето со вработување членови на раководството од ОО Радовиш.
Марјан Даскаловски е еден од најблиските соработници на Зоран Заев и претседател на ОО на СДСМ Струмица.
Креаторот на политиката на Петрески претендира за пратеник
Васко Ковачевски од Битола ја доби петтата изборна единица. Тој е човек на социјалдемократите што убедливо загуби два изборни циклуса по ред.

Томислав Тунтев, првиот човек на СДСМ Охрид, е главниот креатор на политиките на Петрески, главен креатор на донесувањето на штетни одлуки од урбана и финансиска сфера во Охрид и главен креатор на задолжувачката политика на Охрид.
Митре Вељановски, братучедот на Бранко Црвенковски, си најде место меѓу „афирмираните“ луѓе.
Кандидат на СДСМ за кого не би гласал ни СДСМ
Стојко Панувски, кој, исто така, беше поразен на избори три спрема еден од Никола Тодоров, ќе го води СДСМ во шестата изборна единица. Стојко ќе остане запаметен по тоа што беше „пратеникот од СДСМ, кој од собраниската говорница побара со ребалансот на Буџетот да се намалат и пензиите, платите и социјалните трансфери“. Неговата изјава: „Ако е криза, нека биде криза за сите. Не, за едни да се крати, а едни да бидат заштитени како бели мечки“ предизвика лавина реакции кај пензионерите и социјалните случаи за кој Панувски побара да се скратат примањата. Сограѓаните велат тоа е човек за кого не би гласале ниту самите сдсмовци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


