„Авангарден чин“, вака самобендисано СДСМ се пофали со листите на пратеници. Зборот означува претходница на нешто, но во овој случај, за познавачите на состојбите, авангардниот чин е претходница на пораз. Отсуството на лидерство, пак, е авангардно на светската политичка сцена, но и јасен показател на очајот. Очајничките желби претпочитаат и очајнички потези, а нов четиригодишен пост од власта би ја „претерал“ осумгодишната диета и би бил сигурна увертира во сериозна „перестројка“ во СДСМ, факт што воопшто не му одговара на новото раководство кое пред само девет месеци беше инаугурирано со предзнакот на спасител на партијата. Новиот пораз би донел и нови листи, но сега тоа би биле листи за отстрел на виновниците за лошиот резултат, а кој ќе биде на врвот на таа листа, можете да претпоставите.
Другата поента на „новите“ лица на листите беше осудена на пропаст од самиот почеток. Ако сакате да претставите раѓање на партијата од пепелта, да прикажете дека ова е нов лист на внатрешно чистење, драматичен чин во кој доблесното раководство, во форма на библиски маченик, се откажува од сите придобивки што одат со титулата во законодавниот дом за да аскетски остане само со идеологијата да се врати демократијата и да се стави крај на режимот, вие притоа не најавувате дека целта на вашето откажување од сѐ е за да токму вие формирате и раководите влада. Така, сето тоа од што, демек, сте се откажале, ви паѓа во вода затоа што вие алудирате на уште повисока позиција, а награда за „жртвата“ на раководството е добра „партија“ на Илинденска, персонифицирана во министерски кабинет, па уште и во зграда целосно реновирана од вашите претходници. Друг, уште поголем комарџиски проблем е ако со тоа, повторно играјќи на сѐ или ништо, самобендисано сакате да кажете дека сте целосно уверени во победа.
За некого премногу хазардерски потези за една сериозна „државотворна“ партија, како што милуваат да се нарекуваат, за други, пак, играта со максимален влог е реален потег, диктиран од судбината што го очекува ова раководство со следниот пораз – смена од високите позиции и сигурен пат во партиски заборав. А, на патот кон него ве чекаат и стотици незадоволници со ексработно место на Бихаќка, кои, поради вас, веќе не се пратеници, не се во раководството, ниту, пак, на портирница…
Даскаловски: Увертира во изборен пораз
Аналитичарите едногласно оценуваат дека е несфатливо отсуството на раководството на изборите. На Балканот, по правило, лидерот е лицето на партијата, вели професор Жидас Даскаловски.
Даскаловски: „Авангардниот“ чин на СДСМ со новопромовираниот принцип на кандидатските листи, настапувајќи со речиси комплетно нови лица, е увертира во веројатен изборен пораз. Многу е тешко да се замисли ситуација во која граѓаните би се поврзале со носителите на листа на СДСМ кои (по)слабо ги познаваат, а кои како, на пример, проф. Рената Треневска- Дескоска, не се ни професионални политичари. Ќе постои дисонанца меѓу ставот на лидерите и луѓето што се носители на листа. Искуството од балканската политика, од Грција и Србија, до Косово и Хрватска, е дека електоратот ги поистоветува лидерите на партиите со самите партии, без разлика што постои парламентарен, а не претседателски систем на демократија. Политичката култура и внатрепартиската демократија се на такво ниво што е несфатливо како лидерството на партијата на избори се откажува од водечката улога во кандидатските листи. Тие се лицето на партијата и ќе биде голема непознаница како ќе се спроведе кампањата со други лица на чело на листите.
Клековски: Дали Заев се откажува од лидерството?
Клучната разлика е што ВМРО-ДПМНЕ влегува на овие избори со хомогено раководство и партија, за разлика од СДСМ, кој на изборите треба да ги консолидира раководството и партијата, вели Сашо Клековски. Тој смета дека кај СДСМ е очекувано оти во натамошната консолидација на раководството и партијата мора да дојде до промена на пратеничката група, па затоа не е изненаден што на кандидатските листи нема некои од пратениците што го означија претходниот период, како Јани Макрадули, Игор Ивановски или Андреј Петров.
Клековски: Изненадување е отсуството на раководството на СДСМ од листите. Изненаденоста се гледа во насловите на проопозициските медиуми: контроверзна, втора постава и сл. Јас не можам да се согласам дека ова е втора постава, ниту дека е листа на анонимуси. Некои од раководството на СДСМ се поанонимни отколку повеќето носители на листи, да не именувам. Позитивен чекор е делумната локализација на листите, но и таа е делумна бидејќи не сите листи ги водат кандидати што живеат во своите изборни единици. Не можам да се согласам со изјавата на Заев дека овие листи се најдобрите, што е посебно видливо во изборната единица 1. И, секако, е целосно несихронизирано со коалициските партнери – ЛДП си ги кандидира старите и проверени Дуфе Куковски и Роза Топузовска-Каревска на „добитни места“. Сите овие работи ќе останат во сенка на отсуството на лидерство. Ако се сакало да се постигне избегнување на негативната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, „На Заев не може да му се верува“, како што велат некои од проопозициските коментатори „ќе ѝ пропаднат на ВМРО-ДПМНЕ негативните спотови“, тоа е далеку од точно – Зоран Заев вели дека тој е следниот премиер на Македонија. Ако не се избегнува негативната кампања, отсуството на Заев и на Шекеринска, најверојатно, е изнуден потег за промена на најголемиот број пратеници. Но, отсуството на лидерите на кандидатските листи само ги продлабочува збрката и хаосот во раководството на СДСМ. И досега беше проблем да се препознае кој е лидер на СДСМ поради дисперзија на партискиот капитал на повеќе личности. СДСМ неколку циклуси се мачи со тоа да понуди кредибилен и препознаен кандидат за премиер, кој ќе биде способен да се натпреварува со Никола Груевски. И сега, како врв, настапува без лидерство на кандидатските листи! Освен, ако Зоран Заев не е во откажување! Единствениот на изборната сцена што сега може да развие лидерство е Стево Пендаровски. Доколку Стево Пендаровски оствари подобар резултат од СДСМ, неминовно ќе се отворат прашања за довербата во раководството на СДСМ.
Се амнестира ли СДСМ од минатото?
Запрашан дали новото раководство вака раскрстува со минатото, Даскаловски вели дека проблемот на СДСМ е што и новите челници се претставници на елитата. Клековски, пак, препорачува што побрз раскин на партијата со поранешниот претседател Бранко Црвенковски.
Даскаловски: Проблемот на СДСМ е што не ги претставува интересите на работничката класа во услови на силен капиталистички развој на државава. И сменетото раководство и претседател и денешното не изникнале од средната или работничката класа, туку, напротив, се репрезенти на елитата. Постои простор за автентично дејствување на лева, социјал-либерална партија, простор кој во иднина може да се освои бидејќи СДСМ не успева да се консолидира внатрешно и не успева да претстави приказна убедлива за граѓанството. Покрај промените внатре во партијата, потребни им се и промени во пристапот во рамките на политичкиот маркетинг, каде што СДСМ дејствува многу послабо од ВМРО-ДПМНЕ.
Клековски: СДСМ треба, односно мора што побргу да го остави периодот на претходниот претседател зад себе. Недоволно сум запознаен со составот на кандидатските листи за да можам да оценам дали СДСМ раскинува со претходното раководство. Но, секако е значајно што истакнати пратеници што го означија претходниот период не се на кандидатските листи. Оставањето на историјата зад себе ја пропушти Зоран Заев на интервјуто на МРТ – тогаш не се огради од погрешната политика на претходниот претседател.
Аналитичарите очекуваат „долга“ и мачна кампања, проткаена со различна партиска поларизација и содржини. И на двете страни не им недостига материјал за „црна“ кампања, но СДСМ има сериозен проблем со материјал за позитивна кампања.
Клековски: Овие избори ќе бидат обележани со една од најдолгите кампањи. Иако формално, изборната кампања е ограничена, таа почна пред повеќе месеци. И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ вклучија во кампањата програмска или позитивна кампања и негативна кампања, главно насочена кон водечките личности на политичкиот ривал. Од повеќе причини програмската кампања на СДСМ е во сенка на таа на ВМРО-ДПМНЕ. За разлика од програмската кампања, во негативната кампања СДСМ со „Зад маската на чесноста“ парира на негативната кампања на ВМРО-ДПМНЕ – „На Заев не може да му се верува“. Се чини дека додека ВМРО-ДПМНЕ со употреба на различни форми се обидува да достигне до повеќе различни целни групи, СДСМ сега-засега е ограничен и по формите и по адресираните целни групи.
И според Даскаловски, во предизборието и во самата кампања ќе бидеме сведоци на два различни концепта на владејачката коалиција и на опозицијата. Владејачката опозиција на овие избори повторно, како и на минатите, ќе зборува за дела, за работи и проекти што се направени и што се очекуваат, спроведени активности кои се предвидени во рамките на изборната програма на партијата, вели професорот.
Даскаловски: Осврт се става на резултати и на спроведена јавна политика кои имаат благодат за граѓаните и кои во иднина ќе помогнат во справувањето со најгорливиот проблем за граѓаните, невработеноста. Дел од кампањата во овој период се насочува кон корумпираноста (наводна до доказ од судски инстанци) на раководните лица од СДСМ, критика на неконзинстентен пристап на лидерството на оваа партија во однос на одредени болни теми, како, на пример, грчката агресија кон името, сѐ со цел кредибилитетот на опозицијата да се стави под знак прашалник. Во однос на претседателските избори, владејачката партија се осврнува кон два сегмента, мобилизирање на својата база, меѓу другото и со организација на собирањето потписи за истакнување на кандидатурата, и на неопределените преку чести и географски сеопфатни посети на претседателот со електоратот. Кај неопределените, одлучувачки фактори за избор на претседателски кандидат се нивните перцепции за интегритетот на кандидатот, перцепцијата за капацитетот, односно искуството во политичкото раководење, способноста за донесување одлуки, блискоста до граѓанството или народот. Ако се гледаат само гласачите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Иванов на изборите тргнува со предност, која може, но и не мора, да биде пресудна за конечниот резултат бидејќи треба да се освојат тие што се неопределени или пасивни симпатизери на едната или на другата партија, а посебен предизвик ќе бидат гласовите на македонските Албанци. Во таа смисла, кандидатот на СДСМ се обидува со своите карактеристики, со давањето акцент на комуникацијата на интернет, со обидот да се претстави како човек отворен кон сите граѓани, да го наметне впечатокот дека тој е помодерниот кандидат во однос на Иванов. Неговата кампања значително се разликува од таа на партијата бидејќи во предизборието главниот настап на СДСМ беше континуирано и директно напаѓање врвни лица од власта за коруптивно дејствување (наводно до доказ од судски инстанци). Помалку се зборуваше за конкретни мерки и за програмата на партијата.
Заев призна дека пратениците работеле лошо
Најлошиот момент со „новите лица“ на листите, кој, очигледно, заборавиле да го стават на кантар на Бихаќка, е проблемот што со чинот на целосна промена на стариот пратенички кадар на партијата, СДСМ директно признава дека тие работеле лошо и неодговорно. Истовременото „пензионирање“ на повеќе од 30 пратеници е јасно и јавно признание дека вашите народни избраници, од кои дел ве претставуваат безмалку две децении, лошо ја сработиле својата задача. А, вам тоа ви текнува некако наеднаш, едноставно ги отстранувате розовите очила и тие се инстант неподобни за вас? И да се вадите дека сите тие ќе биле дел од владата, не држи – толку министерски ресори нема, а дел ќе бидат и за стандардните коалиционери од албанскиот партнер, дел за ЛДП итн. Уште една работа која паѓа в очи е врвот на елитистичкиот тон содржан во завиената порака дека некои „анонимуси“ треба да победат за вас на избори, за потоа само да ја преземете власта и да формирате влада. Интригантна е и симболиката содржана во „новите лица“ на листите, со кои, повторно блеферски и покерашки, партијата треба да прикаже пред народот како расчистила со минатото, амнестирајќи се притоа од старите, „излитени“ пратенички лица и од сите лоши потези во историјата. Би било поинаку кога тоа јавно би го признале, вака само индиректно ја признавате вината.
Една од најреалните претпоставки за причините за таквиот драстичен „рез“ во пратеничкиот состав е дека раководството преку новиот народно-претставнички кадар ќе се обиде да ги сочува сопствените позиции, кои по поразот на изборите ќе бидат сериозно потресени. Инвестицијата во подобни пратеници, кои не се Наташа Савова или Каролина Астеруд, би била вистински благодат за водечкиот партиски двоец.
(Пишува: Љупчо Цветановски | Фото: Република
Текст објавен во 82. број на неделникот „Република“, 28.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



