Една година помината во непрекината борба со милионските долгови на градот и јавните претпријатија. Градоначалникот Никола Бакрачески после една година борба да се одржи во функционалност најзадолжениот град во земјава кој по сите параметри заради долговите е пред финансиски крах, во интервју за Охрид 1 зборува за работата, борбата но и личниот живот.
Измина една година откако стапивте на функцијата- градоначалник. Прво нешто со што се соочивте беа долговите. Тие растат секој ден и чекате уште 400 нови пресуди од судот. Ќе се дефинира ли долгот до крајот на вашиот мандат?
-Токму така, знам дека на граѓаните можеби им е монотоно да се повторува истата вистина за големината на долгот, но мора да се знае дека во историјата на Македонија ваков долг е незапамтен за една општина без оглед на нејзината големина, капацитети и потенцијали. Овој проблем е со такви размери, што бара континуиран ангажман за изработка на стратегија за зголемување на приходната ставка на буџетот, максимално штедење и намалување на расходите и долготраен комплексен и тежок процес на преговарање и договарање со сите оние стотици правни и физички лица на кои општината им должи.Што се однесува до вториот дел од вашето прашање ќе напоменам дека долгот од 33 милиони евра (кој деновиве се зголеми за дополнителни милион и пол евра како заостанат долг од минатато раководство) е точно и прецизно пресметан и дефиниран на денот, кога во јавноста ја изнесов за првпат сумата на задолжувањето. Тоа значи дека во тој момент (јуни минатат година) е точно пресметан основниот долг плус каматите по основ на извршните судски решенија, како и сите оние судски спорови за кои нема правосилност пресметани до тој период од минатата година. Што значи дека долгот по основ на камати и понатака расте, а беше стриктно дефиниран по следниве основи: 1) Долг по основ на извршни судски решенија; 2) долг го основ на судски пресуди за кои се’ уште нема извршни решенија со пресметана камата до јуни минатата година; 3) Долг по основ на доспеани, а не тужени обврски и 4) Долг по основ на недоспеани обврски и обврски настанати од тендери кои се’ во тек или претходно биле завршени.
Преговаравте со доверителите. Отпишаа ли долгови и камати? Колку пари до сега и простија на општината?
-Овде мора да се истакне фактот дека преговорите се навистина мачни, тешки и многу комплексни. Замислете дека преговарате со луѓе чии фирми можеби зеле комерцијален кредит за својот бизнис, па сега и ним им течат камати или некогаш се наоѓате во ситуација да преговарете со луѓе со кои сте блиски пријатели или во секој случај имате некаква блискост како сограѓани, а сега треба да решавате вакви сложени ситуации и’ за градот и за нив. Морам да истакнам дека до сега сме наишле на разбирање од повеќе доверители и потпишани се договори за репрограмирање на долгот,со што значително е намален долгот на општина Охрид. Максимално се трудиме сите тековни активности да ги извршуваме во предвидените рокови кон сите доверители,а истовремено да ја зголемиме приходната ставка на буџетот. Тука најмногу сме фокусирани на средствата од урбанистичката сфера во сите сегменти, односно уредувањето и продажбата на градежното земјиште, со што во многу ќе ги подобриме финансиските перфоманси за враќање на долговите. Но, морам да истакнам дека како локална власт ние ниту во еден момент не сме го заборавиле тековното функционирање на Охрид, како модерен урбанистички центар и како насушна потреба на граѓаните. Во таа насока со издржани проекти во висина од 4.1 милион евра, го добивме кредитот од Светска банка, со кој многу инфраструктурни зафати, како изградба или реконструкција на улици, паркови, игралишта, водоводни и канализациони системи и се’ она што му е потребно на Охрид, ќе биде реализирано со предвидените програми во текот на оваа и почетокот на идната година. Овде морам да истакнам дека за првпат по неколку децении ЈП Комуналец ќе се опреми со најсовремени наменски возила, со што сигнификатно ќе се подобрат услугите кон граѓаните.Со овој кредит ќе бидат изведени инфраструктурни зафати на многу улици и патишта како во градот, така и во приградските и селските населби на општина Охрид. Во целост или во одредени делови целосно ќе бидат уредени улиците: „Питу Гули“, „Ристо Чадо“, „Абас Емин“, вториот дел од „Јане Сандански“, „Илија Смически“ во село Лескоец, дел од улиците во населбите Воска и Далјан, ќе бидат изградени две најсовремени кружни крстосници на пресекот на бул. „Туристичка“ со улиците „Македонски просветители“ и „Бистрица“, делницата Автокамп Елешец – Елшани, реконструкција на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ и уште многу други инфраструктурни зафати.
Пред една година влеговте спектакуларно во општинската зграда и кабинетот, аплаудираа стотици луѓе во дворот на општината. Колку останавте принципиелен во работењето и непопустлив пред законот и оние морални непишани начела на работењето ? Мислите ли дека токму таа принципиелност некои луѓе во градот ( кој е мала средина ) ја толкуваат како негативност кај Вас и полека принципиелноста и држењето до законот луѓето ги толкуваат како ароганција или недостапност ?
-И за време на кампањата и сега стојам на моите ставови за законитост, принципиелност, професионалност и правичност во работењето, подеднакво за сите било да се правни или физички лица, како основен услов општинската адмнистрација да биде квалитетен сервис на граѓаните. Можеби на мал број граѓани и фирми, као што велите вие им изгледа тоа како моја арогантност и недостапност, но убеден сум дека со текот на времето и тие ќе увидат дека тоа е без алтернатива за доброто на Охрид. Ако тоа во моментов некој го гледа како ароганција, прифаќам да бидам перцепиран како арогантен, но истакнувам дека за мене законитоста и правичноста во работењето и носењето на одлуките било и секогаш ќе биде моја религија.
Многу од кадрите кои заедно со вашиот претходник го водеа градот , денес се’ ваше опкружување. Зошто не спроведовте класична чистка како што сме гледале во разни власти и служби во годините наназад, и ги задржавте раководителите, па дури и’ оние на сектори кои најмногу ги критикувавте во кампањата, а и денес тврдите дека последиците од некои дејствија се долгорочно непоправливи ?
-За волја на вистината во кампањата никогаш не сум критикувал конкретни служби или поединци, но точно е дека сум го критиккувал целокупното работење на претходниот градоначалник, како најодговорен за работата и резултатите на општината. За мене сите вработени се еднакви во нивните права и обврски. Никогаш луѓето не сум ги делел врз основа на нивната политичка, етничка, верска определба или пак социјално потекло. Јас не можам во замена за овозможување на непринципиелни услуги кои значат повреда на законитоста или се на граница на криминал, да бидам окарактеризиран како „добар градоначалник“. Изминатава година се борев да го вратам дигнитетот на институцијата градоначалник и достоинството на јавно искажаниот збор. Само врз основа на трудот и резултатите, е и’ нивното место и позиција во општинската администрација. Тоа што одредени личности ги задржале своите позиции (или се унапредени), зборува токму за мојата принципиелност и еднаков пристап кон сите вработени, што претходно го покажав и докажав во раководењето со Заводот за кардиоваскуларни заболувања и рехабилитација.
Во предизборие сме. Деновиве повторно постиравте проекти за Галичица. Томислав Тутнев од СДСМ веднаш кажа дека тоа било уште една лага. Што би му одговориле Вие? Лага ли е Галичица?
-Во однос на проектот Скијачки центар на Галичица, јас не очекував некои вечни опуртунисти тоа да го прифатат, а уште помалку да се израдуваат. Но, она што ние го работиме е видливо. Не зборуваме за фикции, туку за видлив прогрес. На овој проект се работи цела година, започнувајќи од многу прецизните метеоролошки мерења на теренот, до изработка на физибилити студијата на реномираната Канадска компанија, Eco Singh mauntajn risort planers која покажа деке изградбата на скијачки центар е изводлива и економски оправдана инвестиција. Веќе пристапивме кон изработка на мастер план кој треба да биде готов во мај оваа година. Деновиве МЕПСО објави оглас за пројавување на интерес за развој, изградба и стопанисување со скијачки центар и одморалиште на планината Галичица. Значи,зборуваме за факти, кои ќе донесат револуционерни промени во развојот на туризмот во Охрид и ќе овозможат градот туристички да живее 12 месеци. Како може некој да зборува дека тоа се лаги, кога ние истапуваме со конкректно реализирани чекори во целиот процес, освен ако не станува збор за ситно дневно политичко поентирање, со лажна загриженост за иднината на проектот.
Тунтев ги окарактеризира како лажни и критиките кои сте ги имале за паркинзите во минатото, а кажа и дека градот е на суд по тужба од фирмата која претходно ги имаше закупено паркинзите. Спомна и отштета од милиони евра. Што се случува со тој судски спор кој според опозицијата може да го дозакопа градот финансиски?
-Дегутантно и непринципиелно е опозициониот лидер и поранешен заменик градоначалник да зборува за изгубени судки спорови на штета од општина Охрид, кога за време на мандатот на градоначалникот од нивните партиски редови, општината изгубила 200 судски спорови од исто толку поведени пред надлежните судски инстанци?! Резултат за Гинис, а на штета на граѓаните на Охрид. Најтрагично е тоа што ваквите спорови воопшто не ни требало да започнат, зошто во најголем дел се однесуваат на неисплатени обврски кон доверителите за работи кои биле преземени како обврска на општината. Но, ова зборува дека можеби свесно се правеле ваквите дубиози, кои општината и граѓаните ќе ги турнат во финансиска бездна од неколку десетици милиони евра. Што се однесува до паркинзите, тие беа одземени од поранешниот концесионер, поради неисполнување на одредени точки од договорот, но тоа не му пречи на СДСМ од Охрид и нивниот лидер во јавноста да лиферуваат лаги за суштината на проблемот. Повторувам дека, ние како локална самоуправа имаме намера да набавиме електронска и информатичка опрема за ефикасно користење на паркинг просторите по пат на Јавно приватно партнерство. Тоа ќе овозможи ЈП „Билјанини Извори“ значително да ги подобри приходите по основ на наплата на паркинг просторот, без немилите и грди сцени со граѓаните и гостите кои се случуваа во минатото на паркинзите во Охрид.
Јавноста дозна дека преговарате со фирма од т.н. Силиконска долина ( центарот на новите технологии во Сeверна Америка ). До каде е дојдена таа работа?
-На инвеститорите од Kанада им понудивме две локации каде што можат да го изградат објектот и да ја реализираат нивната инвестиција. Ги прецизиравме олеснувањата кои што може да им ги даде локалната самоуправа во насока на поволна цена на земјиштето и ослободување на дел од обврските за уредување на градежно земјиште , односно комуналии, можноста за помош во изградба на инфраструктура до објектот и секако им ги претставивме перформансите и капацитетите на Универзитетот за информатички науки и технологии “Св. Апостол Павле“ како основа за реализација на овој проект .Во овој момент го очекуваме нивниот финален одговор.
Стартува слободната зона кај Мауцхер. Има ли некој до сега пројавено интерес да инвестира тука ?
-Причината зошто ја градиме слободната зона “Мауцхер“, беше пројавениот интерес од голем број на потенцијални инвеститори за вложување во Охрид ,а за што претходно за жал без оваа зона ние не бевме во можност да им излеземе во пресрет на нивните барања. Изработката на урбанистичко – планска документација за “Мауцхер“ е приоритет во Секторот за урбанизам и веднаш после завршување на документацијата ќе почнеме со градба на зоната, парцела по парцела во зависност од интересот на инвеститорите.
Јавните претпријатија исто така се удавени во долгови. Директорите кои ги назначивте се обидуваат да обезбедат плати за вработените од блокираните сметки, а има и превработеност. Ќе се намалува ли бројот на вработени во јавните претпријатија ?
-Менаџерите односно директорите на јавните претпријатија треба добро да ја анализираат состојбата со нивниот буџет како во приходната, така и во расходната стапка . Да се анализира добро потребата од оптимален број на ангажиран работен персонал, да се увиди можноста од воведување на нови содржини кои што би ги зголемиле приходите, а со тоа би овозможиле ангажирање на поголем број на работници и врз основа на тоа понатака да се направи една систематизација на работните места во која што се разбира би се потрудиле да има што поголем број вработени, а во исто време тоа да не’ го загрозува финансиското работење на претпријатието.
Општината кон крајот на минатата година објави Повик за проекти на невладинито сектор . Влегуваме во четвртиот месец од 2014 а резултати од Повикот се’ уште нема. Ќе има ли за скоро и’ со оглед на ограничениот општински буџет како ќе се делат парите?
-Точно така, овие денови од страна на комисијата ќе бидат дефинитивно избрани сите оние проекти кои што според нашите критериуми комисијата ќе одреди дека треба да бидат поддржани од страна на општина Охрид . Морам овде да напоменам дека средствата во овој дел се ограничени на 3 милиони денари, додека вкупната сума на средства која што беше побарана од страна на апликантите за сите проекти надминуваше неколку десеттици милиони денари. Ќе ги избереме оние кои се суштински, неопходни за Охрид и оние кои што најмногу допринесуваат за развојот на општина Охрид во сите сфери од нејзиното функционирање, односно со еден збор оние проекти кои што се’ од најголема општествена корист за Охрид.
Познато е дека за Заштита на Охридското Езеро и колекторскиот систем на потегот од Градиште до Св. Наум има дури две физибилити студии. Едната ја изработија Јапонците, а претходната ја нарача Центарот за развој на Југозападниот плански регион. Во јавноста и вие и Центарот излегувате со информации за заложби за заштита на Езерото?
-Ние сме силно посветени кон реализација на проекти од областа на екологијата и заштита на човековата средина со посебен осврт на заштита на Охридското Езеро и флората и фауната што живее во езерото. За таа цел изминатата година имавме бројни активности во насока на обезбедување на средства за реализација на неколку крупни проекти. Тука пред се’ ќе ги потенцирам напорите на општина Охрид преку помош односно грант од кинеската влада заедно со амбасадата од Народна Република Кина во Македонија да обезбедиме средства за изградба на канализационен систем и прочистителна станица во село Трпејца. Станува збор за еден од најприоритетните проекти со оглед на тоа што ова место е едно од најатрактивните на ривиерава. Исто така, имавме сериозни разговори околу можноста за пристап до европските фондови заедно со Владата на Р. Македонија односно со министерствата за транспорт и врски, екологија и за надворешни работи како и со Секретаријатот за европски прашања за конечна изработка на проект и ревитализација и до изградба на колекторскиот систем околу цело Охридско Езеро. Ова е проект кој што според претходната студија на “JICA“ би чинел околу 54 милиони евра за што веќе формирана е работна група и направен акционен план како да се постапува во иднина се’ со цел да се дојде до овие потребни средства. Јас се надевам дека со поддршка на Владата на Република Македонија и со максимален ангажман на локалната самоуправа во иднина ќе се создадат услови за пристап до овие фондови. Една од нашите активности во оваа една година беше решавање на статусот на Студенчишко блато. Имавме бројни контакти и со експерти како од земјава така и од странство, со институции со претставници од министерство за екологија и посебно со претставници од Центарот за меѓународна соработка и развој на Република Словенија од каде што и маме позитивни сигнали дека се спремни да ни помогнат во реализација на нашиот проект за ревитализација на блатото. Овие денови очекуваме да дојде експертот од Република Словенија (еден од најдобрите во Европа) кој ќе направи комплетен увид на состојбата на блатото и ќе даде негово дефинитивно размислување за тоа дали ревитализацијата е можна и ако е можна ќе ни даде понатамошни насоки како таа ревитализација да се изведе.
Што стана со промената на знакот на Општината особено по заблешките од УНЕСКО дека не смее да се користат делови од нивното заштитено лого?
-Ние се обративме до Друштвото на хералдичари на Република Македонија кои што сметаме дека се најрелевантна институција која може да најде вакво решение. Тие во овој момент работат на конечно изнаоѓање на ново лого на Општина Охрид кое ќе ги има сите признаци на општината, а кое што нема да биде спротивно од препораките на УНЕСКО. Се надевам дека за околу еден месец логото на Општина Охрид ќе биде променето според препораките на УНЕСКО.
Охрид 1 во годинава зад нас ве нарече „Модна икона’’. Фото веста во која сте овековечен во разни модни изданија ги собори рекордите на читаност. Откријте за нашите читатели зошто се’ определивте за ваков имиџ различен од вашите колеги ?
-За волја на вистината мојот стил на облекување не е променет неколку години наназад што значи дека тоа не е имиџ кој што јас се трудам да го градам откако станав градоначалник. Точно е дека сакам убаво да се облекувам и точно е дека ги следам модните трендови. Добро ги познавам модните дизајнери и се’ разбира сакам да сум во тренд со модерните текови. Облекувањето е стил на живот, израз на една личност.
Вестите со Вас на Охрид 1 секогаш носат голема читаност. Која наша вест во изминатава година Ви остави најголем впечаток било да сте се смееле, радувале или нервирале, како последица на објавувањето ?
-Секоја вест што е објективна, прецизна и точна, заснована на вистини и факти е добра вест, без разлика дали содржината ќе ме насмее или налути . се’ што е вистина , без никаква претенциозност е добро.
Колку сте задоволен од животот од како сте на оваа функција ? Конкретно поубав ви е личниот и приватен живот или полош ?
-Дека квалитетот на живот откако сум градоначалник е послаб во однос на она што ми беше претходно. Всушност и мојата желба да станам градоначалник не беше во правец да градам кариера, да стекнувам кредибилитет , ниту да го подигнам мојот авторитет. Желбата за градоначалник беше поттикната исклучиво од потребата да им се помогне на граѓаните на Охрид и’ да се разубави и развие Охрид . Мора да признам дека оваа функција и градот Охрид кој е соочен со многу проблеми пред се’ од финансиска природа бара откажувања од голем број задоволства во животот , бара многу голем ангажман, безброј часови поминати на работа и после работно време, и’ се помалку време поминато со најблиските, со семејството, роднините и пријателите. Со еден збор менаџирањето на Охрид ваков каков што е бара големи жртви. Мојот приватен живот е со многу послаб квалитет од она што беше претходно, но тоа го прифаќам со задоволство затоа што Охрид е споменот на моето детство, мојата сегашност и иднина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!


