Мексиканскиот милијардер Kарлос Слим, кој е еден од најбогатите луѓе на планетата е на чекор да стане мнозински сопственик на австриската компанија „Телеком Австрија“, која во Македонија го поседува мобилниот оператор „Вип“, пишува Дневник. Милијардерот Слим во 2012 година ја посетил Македонија при што му биле претставени можностите за инвестирање, при што пројавил интерес за рударството, енергетиката и за информатичко-комуникациските технологии.
Австриските новински агенции пренесоа дека Слим планира да инвестира 1,5 милијарда евра во „Телеком Австрија“ како дел од намерите да се прошири присуството на компанијата во Централна и Југоисточна Европа.
Според австриските медиуми, портпаролот на Австрискиот индустриски холдинг не дал временска рамка за постигнување договор велејќи дека тоа ќе зависи од напредокот на разговорите со компанијата чие седиште е во Мексико Сити. Но, познавачите на пазарот сметаат дека оваа аквизиција може да заврши за многу кратко време со оглед на тоа што на „Телеком Австрија“ е повеќе од потребен свеж капитал.
Компанијата на Слим, „Америка мобил“, како што пренесуваат светските медиуми, ќе почне преговори за да го зголеми уделот во „Телеком Австрија“. Одборот на Австрискиот индустриски холдинг, кој управува со државните акции во австриските национални компании меѓу кои е и „Телеком Австрија“, дал зелено светло за синдикални преговори со „Америка мовил“. Целта на разговорите, како што пренесоа медиумите, е да се постигне договор за 10-годишен пакт за повлекување на влоговите од страна на австриската влада и на „Америка мовил“ и за зголемување на заедничкиот капитал.
Инаку, компанијата на Слим поседува 26,8 отсто од акциите во „Телеком Австрија“ и со преземањето на дополнителен број акции ќе стане водечки акционер во австрискиот оператор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


