| четврток, 6 декември 2018 |

Ѓорѓиев: За две недели над 600 барање за вработувања на лица до 29 години

Првичните резултати по само две недели од стапување во сила на Законот со кој компаниите се ослободени од трошоци доколку вработат млади лица до 29 години се многу позитивни, истакна денес портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев во гостувањето во Дневникот на МРТ.
-Бизис заедницата со големо одобрување гледа на оваа мерка и ја искористува во еден добар значаен дел. Со самото законско решение се предвидува помош за самите компании, затоа што некаде околу 37 проценти од трошоците кои тие регуларно би ги имале за ангажирање на кадар за вработување на луѓе остануваат кај нив, односно државата ги ослободува од околу 37% од трошоците кои се наменети за персонален данок или пак за придонеси кои се наменети за тие вработувања, истакна Ѓорѓиев.

Владиниот портпарол нагласи дека она што е позитивно е тоа дека во рок од две недели од стапување на законот во сила, до Агенцијата за вработување се поднесени над 600 барања за вработување на лица.

-Тоа се 600 нови вработувања кои се реализираат и ќе се реализираат во текот на следниот период и кога ќе го земеме периодот во кој законот важи, тоа е една извонредно добра динамика која очекуваме да продолжи и понатаму, а компаниите се повеќе да ја користат, но и да се прошири бројот на сами компании кои ќе се заинтересираат за користење на овие бенефити, посочи Ѓорѓиев.

Тој додаде дека овие мерки значат и бенефит за граѓаните, нови вработувања кои ќе значат егзистенција за младите и обезбедување на опции за понатамошен кариерен развој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top