| четврток, 6 декември 2018 |

Оскаровецот Виторио Стораро ќе го снима „Мајсторот“ во режија на Иво Трајков и меѓународна актерска екипа

Магот на филмската фотографија, Италијанецот Виторио Стораро, ќе снима во Македонија. Станува збор за филмот „Мајсторот“, за кој сценариото го напиша Љупчо Тодоровски-Упа, а ќе го режира Иво Трајков. Како што истакнаа на денешната средба со министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, мошне се задоволни од поддршката што државата ја дава за филмската уметност и задоволство од соработката со Стораро. Актерската екипа ќе биде интернационална. Главните улоги ќе ги толкуваат македонски актери, но и беа најавени и големи ѕвезди од Бугарија и Турција.

Storaro 04

– Импресивната биографија на Стораро кажува доволно за големината на овој автор. Презадоволни сме што ова големо име ќе биде дел од филмот. Тој се согласи да соработува само со еден испратен мејл, кој јас бев доволно храбар и луд да го пратам, изјави Тодоровски.

Storaro 09

Виторио Стораро како директор на фотографија е потписник на педесетина филмски наслови. Роден е во Рим, 1940 година. Бил најмлад запишан студент на државното училиште за кинематографија, асистент на камера, снимател-оператор. Посетувал галерии изучувајќи ги делата на големите уметници. Тој е и најмлад добитник на наградата за животно дело на Американското здружение на сниматели. Првиот оскар го добил за филмот “Апокалипса сега” во режија на Копола, со кого соработува и подоцна. Вториот оскар го добива како директор на фотографија на филмот “Црвени” на Ворен Бити. Третиот оскар Стораро го добива за филмот “Последниот император” (Последниот кинески цар) на Бертолучи, со кого имал долга соработка и за кого ги снимил филмовите “Последното танго во Париз”, “Чај во Сахара”, “Месечина”, “Конформист”, “Стратегија на пајакот”, “Малиот Буда”.
Кинематографијата ја сфаќа во нејзиниот буквален превод – пишување со светло и движење. Како снимател е многу иновативен. Изработува колорни гелови за осветлување кои ги користи за да ги спроведе своите теории за емоционалниот одговор на боите. Го создава филмскиот систем “Univision” и развива нови технологии.

Тој во 2005 година ја доби наградата “Златна камера 300”  на Фестивалот „Браќа Манаки“ и има само пофални зборови за нашата земја.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top