Раул Гонзалес е еден од творците на големото изненадување во Хамбург, а тренерот на Вардар скрои одлична тактика со која го надмудри легендарниот Мартин Швалб, а „црвено-црните“ го урнаа актуелниот владетел на Европа.
Сега шпанскиот стратег има нов предизвик, заедно со ракометарите на македонскиот шампион, а треба да се најде рецепт за историски успех против Флензбург, за пласман на завршниот турнир во Келн.
– Флензбург е моќна екипа, а тоа го докажува и со високата позиција на која се наоѓа во Бундес-лигата. Мислам дека ќе биде компликувано да се игра против нив. Сепак, ова е четврт-финале и тука нема лесен противник. Ние мора да одиграме мудро и трпеливо, од првата до последната минута. Доколку сакаме да се пласираме на завршниот турнир мора да ги победиме, а доколку го почитуваме договореното, реално е да го оствариме и тој успех. Одличниот натпревар во Хамбург е доволен доказ дека имаме капацитет за настап во Келн – изјави тренерот на Вардар за клупската веб-страница.
Последните натпревари во Лигата на шампионите за Вардар се поврзани исклучително за Германија. Во осминафиналето беше урнат кралот Хамбург, во четрт-финалниот двомеч противник е уште еден бундеслигаш, Флензбург, а целта е пласман на завршниот турнир што ќе се игра во Германија, во Келн на 31 мај и на 1 јуни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.