| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов во родното Валандово: Тие нека напаѓаат, ние ќе работиме (ВИДЕО)

Претседателот Ѓорѓе Иванов денес побара доверба за уште еден мандат во своето родно Валандово.

Тој пред сограѓаните истакна дека иако од градот излегол пред 30 години, чест му е што е  валандовчанец.

Иванов одговори на обвинувањата од опозицијата, вели дека постојано опозицијата му бара  грешки, но им порача тие нека напаѓаат, а тој ќе продолжи да работи.

-Последниве денови не ги оставив на спиење. По десет пати мораа да ги гледаа моите настапи и моите говори да најдат нешто да напаѓаат. Никогаш за овие пет години знаете на никого не сум му вратил, никому не сум нападнал. Ама сега ќе им кажам „продолжете и понатаму со ист интензитет, уште поголем интензитет, напаѓајте, колку повеќе напаѓате довербата на граѓаните расте“. Такви беа и пред пет години, такви се и сега. Како велиме ние валандовчани “кој за што го бива“. Тие нека си зборат, напаѓаат а ние да работиме посветено за Македонија. Мило ми е што сите во Република Македонија ќе ја препознаат таа посветеност и што довербата на граѓаните во институцијата Претседател стигна 56%. Највисоко до сега. 74% од граѓаните во Македонија сметаат дека чесно ја обавувам функцијата Претседател на Македонија. Додека тие омаловажуваат, напаѓаат, клеветеа, мене чест во светот ми укажуваат. Па еве да се пофалам пред валандовчани, до сега никогаш не сум се фалел, почесен професор сум на врвните светски универзитети, почесен доктор на светски универзитети, член и  на Европската академија на науки и уметности, член на Светската академија на науките и уметностите. Голем број на признанија од меѓународни институции, ордени, медали. Тоа го почувствуваа луѓето во Македонија, но и надвор од неа. Така е кога се работи за граѓаните на Македонија. Така е кога се работи сложно и тимски. Затоа што работиме како тим. Тим што победува, што носи победи на избори, што носи странски инвестиции, што носи инвестиции да се градат автопатишта низ Македонија, фабрики да се градат низ Македонија.Е тоа е новиот лик на Македонија, кога млади луѓе на чело со Никола Груевски решија да ја менуваат Македонија. За тоа и ги поддржувам, за тоа и секоја нивна реформска мерка ја поддржувам. За тоа и работам, сите тие проекти да успеат – порача Иванов.

ivanov

Говореше и дека Валандово бележи успеси, странска фирма доби концесија за рудник за злато, за истражување. Се работи и за потребите на граѓаните, рече, се реновираат и градат училишта, се асфалтираат улици.

-Ме критикуваат дека сум одел многу по манифестации. Одам затоа што таму е народот, а кај што е народот таму сум и јас, кај граѓаните кои ја почитуваат традицијата. Јас сум тој го пренесува вашиот глас. Имав 450 средби со претседатели и премиери, посети на меѓународни настани, имавме повеќе од 40 посетители од светот од оние кои ја поддржуваат Македонија. Македонија која се менува. Ја поддржуваат Македонија која расте. Во земјава растат субвенциите, платите, социјалната помош, само невработеноста опаѓа. Кога многу силни економии  тешко се справуваа со кризата, Македонија успева – истакна кандидатот за претседател Иванов.

Тој одговори и на други критики од опозицијата.

– Велат кај нас нема човекови права, а Македонија е членка во Советот за човекови права на ОН. Велат нема слобода на медиуми, а во земјава има најголем број на медиуми.Секаде напредува Македонија, затоа што работиме во тим. Како што спортистите победуваат и не прават горди, нашите пејачи насекаде не претставуваат, научниците не прават горди, така и оваа млада гарнитура не прави горди затоа што работи и напредува – рече Иванов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top