Канадскиот „Лес грандс балетс“ ќе гостува во вторник, на 8 април (20 часот), во Македонската опера и балет (МОБ). Уметнички директор на трупата е Градимир Панков, кој е роден во Скопје. По брилијантната кариера како танчар на просторите на поранешна Југославија и Германија, успешно ја презема улогата на уметнички директор во неколку познати театри за танц: Холандскиот танцов театар II (Холандија), Националниот балет од Финска (Хелсинки), Кулберг балетот (Шведска) и Балетот на Големиот театар во Женева (Швајцарија). Во „Лес грандс балетс“ од Монтреал е од 1999 година.
Гостите од Канада ќе ја изведат претставата „Минус еден“ и во неа учествуваат повеќе од 25 танчари. Кореограф е Охад Нахарин, а нејзиното дејство е сублимирано со следните зборови: „Илузија на убавината/тенката линија која го двои лудилото од разумот/паниката скриена зад смеењето/соживотот на заморот и елеганцијата…“ овие зборови ја отвораат „Минус еден“ на Охад Нахарин, едно од најиновативните дела од репертоарот на канадскиот „Лес грандс балетс“ од Монтреал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.