| четврток, 6 декември 2018 |

Наградата „Прозарт“ за Хрватката Даша Дрндиќ

unnamed
Наградата „Прозарт“, која меѓународниот фестивал на прозата „ПРО-ЗА Балкан“ ја доделува на истакнат автор од Балканот за авторски придонес кон развојот на балканската книжевност, оваа година со едногласна одлука на Одборот за доделување на наградата ја доби исклучителната раскажувачка од Хрватска, Даша Дрндиќ.
– Веста за добивањето на наградата „Прозарт“ за 2014 година навистина ме изненади и ме израдува. Дотолку повеќе што одвреме-навреме, кога тоа ќе се покаже опортуно, се водат академски и квазиакадемски, страствено политички или научни и квазинаучни дискусии за тоа што и кој, од кога, како и зошто му припаѓа на Балканот. Иако верувам дека нема претерано разумни причини било чие постоење да се ограничува на негова/нејзина национална, регионална или која било друга припадност, оваа награда ме радува бидејќи промовира литература напишана на јазиците кои при проценувањето на книжевните вредности често се заобиколуваат или запоставуваат со оглед на тоа дека не спаѓаат во таканаречените големи светски јазици. Оваа награда затоа можеби нуди можност и делата напишани на јазиците „од Балканот“ некако да се пробијат до поголем број читатели. Посебно ме радува што наградата се доделува во Македонија, која, и покрај тешките економски, па и политички прилики, или можеби токму поради нив, ја задржа, еве малку патетика – човештината и душата, за разлика од многу побогати и попросперитетни во кои комерцијализацијата на животот води вo духовна и културна празнотија и еднообразност – изјави Дрндиќ.
Наградата ќе ѝ биде доделена на свеченото затворање на фестивалот кој оваа година ќе се случува во Скопје, од 27 до 29 мај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top