| четврток, 6 декември 2018 |

Крвта не е вода – на Македонците не им се закануваме, само ги предупредуваме!

Истакнатиот деец за албанската кауза Адем Демачи во емисија „Патот кон…“, упати предупредување до Македонците дека Албанците од Косово и Албанија нема да ги остават сами своите браќа во Македонија.

Повикан да ја објасни изјавата дадена на Радио-телевизија Косово дека Албанците од Македонија не се сирачиња, туку имаат две држави кои ги поддржуваат, Демачи појаснил дека неговите зборови не се закана, туку предупредување за македонските партии во земјата.
“Да не се лаже некој дека ние ќе седиме на страна околу тоа што се случува со Албанците, бидејќи овие Албанци, кога ни беше најтешко, ни дадоа леб, не засолнија, ни помогнаа. Некои од нив и учествуваа во нашето востание. Ние сме една крв, а крвта не е вода. Со ова не се закануваме никому, но сакам да предупредам – да не мислат дека можат да прават што сакаат, без другите да го гледаат својот интерес“, изјави Демачи.

Демачи  го повика лидерот на ДПА, Мендух Тачи, да биде заедно со другите албански партии, ДУИ и НДП, кои не излегоа со кандидати за претседател. Тој рекол дека лидерот на ДПА Мендух Тачи работи на сопствена и на штета на албанската нација, со кандидирањето на Илјаз Халими за претседател. Ако Тачи се повлечел ќе се помогнело за спроведување на идејата пласирана од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на една од трите клучни позиции во Македонија да застане Албанец.
„Така што ако има време и способност да ги повлече одлуките, ќе беше добро г.Тачи да остане со другите, да не се дели, да не прави раздор, бидејќи нема шанси да победи, и тогаш нема да биде награден ниту од Македонците. Така што нека сфати дека во овој момент треба обединување на Албанците за да ги натераат, а не да ги принудат, туку да ги натераат пријателите Македонци да мислат подобро, за да ја натераат и Европа да се активира повеќе“, изјави Адем Демачи.
Демачи ја коментираше и можноста на Албанците од Македонија да им се повтори 2006 година кога во владата влезе партија која ја избра Груевски, а не партијата која ја избраа Албанците. Според Демачи, тоа нема да се случи овој пат, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ и ДПА нема да успеат да освојат заедно 62 пратеника.
“Не верувам дека може да се случи овојпат, бидејќи овојпат ќе бидат многу помалку. Верувам дека и кај македонскиот народ ќе победи духот кој ќе се оддалечи од ова што досега го правеше г. Груевски. Тогаш г.Тачи ќе се најде на полошо. Најдобро е да биде со неговата нација.

Ова што го предлага г. Али Ахмети има логика и држи. Така и ќе биде на крајот на краиштата, бидејќи и Европа и Америка сакаат работите да се направат со преговори, со договори и да не се загрози правото на ниеден народ”, рече Демачи.

Според Демачи, за Албанците од Македонија доаѓа ново политичко време, кога треба да ја преземат одговорноста за водење на државата, нешто што ќе го подобри имиџот на Македонија во светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top