Колку пати кога сте зад воланот и кога брзате некаде, свесни дека возите повеќе од дозволеното, сте се прекориле во себе и тивко сте си ветиле дека веќе нема да го правите тоа? Или кога за влакно ќе избегнете судир, без разлика чија е грешката, сте помислиле дека веќе нема да го правите тоа? Моментите кога во себе броите до 100 и назад, преколнувајќи го другиот возач и велејќи „Кој ти даде дозвола?“ се неброени… А во меѓувреме секојдневно се ужаснуваме од вестите во црна хроника, кои сѐ почесто ги заземаат насловните страници – „Ергенска вечер кобна за пет момчиња“, „Преку 20 загинати во автобуска несреќа во Турција“, „Тешка сообраќајка кај ’Ситимол’“, „Во Романија верижен судир на 40 возила“.
Според статистиката, во Македонија годишно животот го губат по околу 160 лица. Во последните пет години на патиштата во Македонија починале 1.000 лица, а повеќе од 30.000 се сериозно повредени.
Убедливо најчеста причина за сообраќајни несреќи со смртни последици во Македонија се брзото возење, потоа непочитувањето на сообраќајните знаци и правила и неупотребувањето сигурносни ремени. Возачите во Македонија не сакаат многу да даваат предност во сообраќајот, често погрешно свртуваат, а знаат да возат и многу агресивно. Македонските возачи често знаат да се поднапијат алкохол и место да го остават автомобилот и да одат со такси, на пример, тие, сепак, решаваат да возат во алкохолизирана состојба. Не се имуни ни на возење под дејство на наркотици, лекови, како и на зборување на мобилен телефон.
Мотоциклистите често знаат да возат без кацига и возат многу брзо, покажува статистиката во МВР.
– Едукација, превенција, но и казни, како и повторување на кампањите за безбедност. Само така може да се намали бројот на несреќите, а патиштата да станат побезбедни – сметаат стручњаците.
Слаба сообраќајна култура
Сообраќајната култура на сите учесници во сообраќајот е на многу ниско ниво, почнувајќи од возачите, па преку пешаците, велосипедистите. Автомобили паркирани на пешачки патеки, малку велосипедски патеки, кои не ги задоволуваат потребите на велосипедистите, неприспособени делови од улиците за лица со инвалидност…
– За жал, може да констатираме дека сообраќајната култура во Македонија не е на високо ниво. Затоа имаме кампањи за едукација на сите учесници во сообраќајот насочени кон различни целни групи. Беше спроведена кампања „Етика и култура во сообраќајот“, која беше насочена кон учениците од средните училишта, а во функција на унапредувањето на безбедноста на сообраќајот на патиштата – вели Љупчо Ставрески, секретар на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патишта (РСБСП).
Возачкиот испит треба да претрпи промени
Познавачите сметаат дека во Македонија имаме, главно, добри патишта. Но, возачите треба да се доедуцираат и да ги почитуваат сите пишани и непишани правила во сообраќајните ситуации. Нивото на сообраќајна култура што го има секој учесник во сообраќајот зависи и од домашното воспитување и од образованието здобиено во текот на школувањето.
– Потребно е подобрување и проширување на програмата за обука на кандидатите за возачки дозволи и таа да биде доследно применета од страна на автошколите. Едукацијата на возачите се реализираат преку кампањи, едукативни ТВ-спотови, како и преку иницирање соодветни измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата – вели Ставрески.
Гинењето на патиштата – петта причина за смртност во светот
Патиштата стануваат смртно опасни. Според Светската здравствена организација (СЗО) гинењето на патиштата ќе стане петти водечки фактор за смртност на планетата. Годишно, по улиците на светот гинат по 1,24 милион луѓе. До 2030 година оваа бројка ќе се зголеми двојно.
Шведска е земја со совршени патишта. Во 2010 година имало вкупно 266 смртни случаи на улиците, односно три жртви на 100.000 жители, што ја прави Шведска земја со најниска стапка на смртност на патиштата.
Истражувањето на Европската програма за процена на патиштата (ЕуроРАП) посочува дека Македонија има висока стапка на смртност на улиците. Таа стапка е 7,9 отсто на 100.000 жители. Педесет и осум отсто од загинатите се во автомобилски несреќи, 19,8 се пешаци, 11 отсто се мотоциклисти, 4,3 отсто се велосипедисти и 6,9 отсто при други транспортни несреќи. Од ЕуроРАП посочуваат дека безбедноста на патиштата е малку над просекот на ЕУ и се дава препорака да се задржи овој степен на безбедност.
Во споредба со другите земји од Балканот, Македонија има ниска стапка на смртност на патиштата. Убедливо прва е Босна и Херцеговина (15,5), потоа следуваат Црна Гора (15), Романија (13,9), Грција (12,2), Бугарија (10,4)…
Најголемата глоба за сообраќаен прекршок е 500 евра
Со последните промени на Законот за безбедноста во сообраќајот, казната за брзо возење е 300 евра или 150 евра ако се плати во рок од осум дена. За големите сообраќајни прекршоци глобата се движи од 120 до 500 евра, и не постои можност да се замени со казнени поени, кои се пишуваат во возачката книшка. Освен паричната казна, во оваа категорија глоба задолжително следува и прекршочна пријава за возачот, со што од судот се бара одземање на возачката дозвола на одредено време. За помалите прекршоци возачите плаќаат глоба од 15 до 45 евра, која треба да се плати во рок од осум дена од издавањето на налогот за наплата. Оваа глоба може да се замени со негативни поени, кои, во зависност од прекршокот, може да бидат 10 или 25.
Културата во сообраќајот се учи од мали нозе
Однесувањето во сообраќајот, сообраќајната култура и сообраќајната етика се работи што почнуваат да се учат уште од најрана, предучилишна возраст. Основното решение е во постојана едукација на сите учесници во сообраќајот на патиштата и почитување на сообраќајните правила и прописи без отстапки.
Во едукацијата се вклучени и МВР и Министерството за образование и наука. Издадени се едукативни телевизиски материјали – „Сообраќаен буквар 1 и 2“ наменети за децата во предучилишна возраст и во основното образование.
– Нашите анализи покажуваат дека бројот на децата што се жртви во сообраќајни незгоди во Македонија е многу висок. Безбедноста на децата во сообраќајот е врвен приоритет. Една од главните цели на Националната стратегија за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата во Република Македонија е „Нула деца жртви во сообраќајот“. РСБСП, во соработка со МВР и со МОН, традиционално ја организира сообраќајно-воспитна манифестација „Детски семафор“ и „Сообраќајно-техничка култура на младите“, како и воспитната манифестација „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ – вели Ставрески.
Тркалезна маса на тема: „Научната мисла во функција на унапре дување на безбедноста на сообраќајот на патиштата“
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) во соработка со Факултетот за безбедност од Скопје при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, во просториите на Факултетот за безбедност организира научен собир насловен како тркалезна маса, на тема: „Научната мисла во функција на унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата“. На овој настан ќе учествуваат претставници од повеќето високообразовни институции, а учество најавија и министерот за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и министерот за образование и за наука Спиро Ристoвски, како и претставници на институциите што имаат надлежност во безбедноста на сообраќајот на патиштата. Основната цел е поставувањето на насоки преку кои научната мисла ќе постигне практична функција во унапредувањето на безбедноста на сообраќајот на патиштата.
(Пишува: Александра М. Бундалевска
Текст објавен во 81. број на неделникот „Република“, 21.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.