Фалафелот е многу познат во Средниот Исток. Се продава како улична храна на секое ќоше во Каиро. Се служи како главно јадење со разни додатоци и убави, освежителни сосови. Погоден е за подготвување дома, посебно ако сакате да јадете здрава и вкусна храна. Се препорачува и за време на постот.
Состојки:
200 грама наут
2 средни главици кромид
2 чешниња лук, сечкани
Половина китка магдонос, сечкана
1 лажица коријандер
1 лажица ким
2 лажици брашно
Половина лажиче црвен пипер
1 лажиче прашок за печиво
Сол, црн пипер
Масло за јадење
Подготовка:
Наутот прелејте го со студена вода. Треба да има двојно повеќе вода од наут и ставете го да стои цела ноќ во фрижидер. Следниот ден исцедете го и измијте го.
Во блендер ставете ги наутот, кромидот, лукот и магдоносот. Треба да се иситни, но не да стане каша. Структурата треба да биде зрнеста. Извадете ја масата, ставете ги брашното, прашокот за печиво и зачините и промешајте.
Формирајте ќофтиња со дијаметар околу четири сантиметри и ставете ги во масло да се пржат.
Кога ќе се зацрвенат од сите страни, извадете ги на хартија за да се впие вишокот маснотија. Од оваа смеса треба да има околу 20 ќофтиња.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.