| четврток, 6 декември 2018 |

Ванчо Димовски: Со гранитна одбрана до ново четврт-финале во Лигата на шампионите

Ракометарите на Металург посакуваат реприза од скопскиот дуел со Колдинг во реваншот во Данска, а ако успеат да ја повторат играта во одбраната од првиот меч кога примија само 17 гола, тогаш успехот и ново четврт-финале во Лигата на шампионите е загарантирано.

Сепак, нема да биде лесно, како што потенцира и македонскиот репрезентативец Ванчо Димовски. Металург патува за Данска со предност од 6 гола разлика, по триумфот од 23-17. Добро за македонскиот вицешампион е што прими многу малку голови, па со 18 или повеќе постигнати погодоци во реваншот, Колдинг ќе треба да брка 7 гола разлика.

-Нема да биде лесно во реваншот. Данците малку ѝ подлегнаа на страшната атмосфера во салата „Борис Трајковски“. Ги збуни амбиентот, но сега ќе биде поинаку. Не треба да им дозволиме да се растрчаат, да не фатат на контри. Искусни сме, ние треба да ја смириме играта, да не дозволиме да се влезе во некаков луд ритам. Во ракометот лесно и брзо се прави разлика, така што ништо не е готово иако имаме одлична предност. Немаме потреба да менуваме нешто специјално  за реваншот. Во одбрана треба да одиграме цврсто како во Скопје, со мали измени. Да внимаваме на фаулите за исклучување бидејќи критериумот на судиите ќе се смени. Знам дека ќе бидат построги и јас ќе треба да внимавам во нападот и особено нашите главни алки во одбраната Велко Марковски и Ацо Јоновски. Така е кога се игра на гостински терен. Не смееме да отстапиме од цврстата одбрана, но овојпат ќе мора да одиграме многу почисто. Знаеме сѐ, нема тајни во играта на Колдинг. Треба само искусно и мирно да го одиграме реваншот и да се пласираме во ново четврт-финале во Лигата на шампионите – вели Димовски за „Република“.

Пикерот на Металург предупредува на квалитетот на ракометарите на Колдинг иако Данците одиграа скромно во Скопје.

– Колдинг има квалитетни играчи и нема да се предадат. Спелерберг ќе си ја исполни нормата од 5-6 гола, што не беше случај во Скопје. Рокас е опасен, Хвид, веројатно, ќе брани подобро во реваншот, а верувам дека ќе се обидат набрзина да стопат дел од предноста. Сепак, знам дека имаме знаење, квалитет и сила да ги сопреме и да го повториме ланскиот успех во ЛШ – вели Димовски.

Со него направивме интервју пред реваншот во Данска, а комплетниот текст ќе можете да го прочитате во новото издание на неделникот „Република“.

Разговараше: Зоран Поповски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top