Приказната од документарната серија „Dead Famous DNA“, која се прикажува на британскиот „Ченел 4“, сигурно ќе ги потресе семејството на Елвис Присли и милиони негови обожаватели.
ДНК од влакно од косата на Кралот покажа дека пејачот страдал од хипертрофична кардиомиопатија, а симптомите, како неправилно отчукување на срцето, замор, несвестица и зголемен крвен притисок, се појавиле во последните години од неговиот живот.
Сето тоа значи дека на музичката икона, без разлика на стилот на живот, во гените му било запишана раната смрт. ДНК-анализата е направена на коса откупена од пријател на Елвис, кој бил фризер, за 2.000 долари, но авторите на серијалот тврдат дека е докажано дека е автентична.
Водителот, научник Марк Еванс, кој во овој документарен серијал трага по примероци на ДНК од познати луѓе, од Чарлс Дарвин до Наполеон и Мерлин Монро, по што ги анализира, тврди дека резултатите се фасцинантни.
– И Елвис и неговиот лекар со години беа обвинувани за прераната смрт. Се мислеше дека на Кралот му пресудило прејадувањето и предозирањето со лекови. Иако тие зависности придонеле за полошо здравје, новите докази покажуваат дека Елвис имал грешка во ДНК и оти неговата рана смрт била негова судбина.
За време на три месеци тестирање на ДНК на Присли, утврдени се проблеми на 11. хромозом, каде што е пронајдена кобна варијација, која предизвикува хипертрофична кардиомиопатија, болест која најчесто се случува кај мажите на возраст меѓу 20 и 40 години.
Исто така, на 19. хромозом е утврдена мутација поврзана со склоноста кон дебелеење, на 17. мутација поврзана со глауком, а на првиот хромозом мутација поврзана со мигрените.
Елвис Присли умре во својата бања, на 16 август 1977 година, во 42. година од животот. Боледувал од глауком, зголемен крвен притисок, оштетување на црниот дроб и зголемено дебело црево.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.