Во Галерискиот простор на НЛБ Тутунска банка, вечерва во 20 часот, ќе биде отворена донаторска продажна изложба на акварели од Стефан Димовски.
Сите средства кои ќе бидат собрани од продажбата авторот ги донира за лекување на Дејан Брзанов, кому му е дијагностицирана малигна болест, Т-клеточен нон-Хоџкин лимфом и е неопходно пресадување на коскена срж во Париз.
Изложбата ќе биде отворена сѐ до 1 април, до кога сите хумани љубители на уметноста ќе можат да купат дело со уплата на средствата на донаторската сметка 210-7000006122-06, додека за време на отворање на изложбата сликите ќе може да се купат на тивка аукција со безготовинско плаќање преку ПОС терминалот на НЛБ Тутунска банка (без провизија).
Стефан Димовски е роден во Скопје, во уметничкото семејство на нашиот афирмиран вајар Ангел Димовски – Чауш, а автентичната животна приказна и долгогодишниот престој во Франција му овозможиле од рана возраст да воспостави контакт со акварелисти и да ја совлада оваа техника до совршенство. Во 2010/11 година тој влезе во 11. издание на Италијанскиот интернационален каталог за модерна уметност, во конкуренција со 60 сликари, и е добитник на награда за акварел на 12. Саем на сликари и акварелисти во Сан Рафаел, Франција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.