Студентите можат да се пријават за учество на веб-страницата energetskaazbuka.mk во форма на тимови од минимум две и максимум шест лица.Истите треба да изработат бизнис план со идеи за подобро искористување на мерките за енергетска ефикасност, а натпреварот е дел од активностите во рамките на Платформата за енергетска ефикасност што ја организираат ЕВН Македонија и Министерството за економија.Доставените решенија од страна на студентите ќе ги разгледува стручна комисија, а најдобрите три проекти ќе бидат наградени со парични награди во вредност од 30.000, 18.000 и од 9.000 денари.
Тимовите кои ќе бидат избрани ќе добијат и дополнителна обука околу критериумите за изработка на бизнис планот.
Претседателот на Управниот одбор на ЕВН, Вернер Хенгст, посочи дека целта е преку овој проект да им се даде можност на студентите да го покажат своето знаење и креативност.
Министерот за економија, Ваљон Сарачини, истакна дека енергетската ефикасност е клучна за зголемување на конкурентноста на компаниите на домашните и на странските пазари, како и за подобрување на продуктивноста и оптимизацијата на трошоците.
– Освен редовните програми за креирање развој, во овој сегмент дополнително ќе придонесат и средствата од кредитната линија на ЕБОР од 75 милиони евра за земјите од Западен Балкан, наменети за имплементирање на енергетската ефикасност – истакна Сарачини, кој додаде дека благодарение на проектот со Светска банка и поддршката од 4 милиони долари досега 42 училишни објекти во вкупно 15 општини низ земјава станаа енергетски ефикасни.
Според последните податоци, нагласи Сарачини, над 30 отсто од компаниите веќе применуваат енергетски ефикасни технологии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.